Како се финансираат политичките партии и изборните кампањи?
Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со Мисијата на ОБСЕ организира конференција за предизвици во финансирањето на политичките партии, но и финансирањето на изборните кампањи.
На неа беше посочено дека сериозен проблем е недостатокот на транспарентност и отчетност на политичките партии за нивното финансирање претставува предмет на загриженост.
„Ние како Државна Комисија за спречување корупција во тој систем на организираност во Република Македонија, во рамките на нашите надлежности, ги преземаме сите потребни дејствија, меѓутоа ние
сме само една алка во тој систем. Се разбира треба сите субјекти да имаат свој придонес во реализацијата на така поставените задачи“, посочи Ѓорги Сламков, претседател на Државната Комисија за спречување корупција. Од државната комисија за спречување на корупцијата посочија дека се против финансирање на политичките партии со кредит.
Како што забележаа од ОБСЕ/ОДИХР, нема совршен систем кога се работи за финансирање на партиите.
„Изборот е овој, или демократијата ќе ги контролира парите или парите ќе ја контролираат демократијата.Како и да е, граѓаните нема да можете да ги излажете. Истражувањата покажуваат дека тие на партиите гледаат како на најкорумпирани субјекти.Кога се работи за ова прашање, не постои совршен систем ниту во Европа, ни надвор од неа.Очигледно е дека финансирањето е најслабата алка на изборите сегде“, забележа Марцин Валецки од ОБСЕ /ОДИХР.
Според Дарко Алексов извршниот директор на МОСТ , една од забелешките се однесува на петте проценти од годишниот обрт на компаниите, односно на правните лица кои можат да донираат во кампања.
„Ако компанија има обрт од 100 милиони евра, може комотно и многу лесно може да ги финансира сите политички партии, согласно закон. Во тој случај се доведува во прашање изборот како избор, односно изборниот процес. Од тој аспект веќе подолго време посочуваме дека оваа одредба креира голем дебаланс. Се создава нееднаквост и при донирањето од страна на физичките лица наспроти правните лица и нееднаквост во пристапот на донациите од страна на политичките субјекти“, изјави Алексов.
На конференцијата се обрати шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет, потпретседателот на Државната изборна комисија Субхи Јакупи, како и Роберт Лидл од Делегацијата на Европската унија.
Слично
