Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како се чува и негува македонскиот јазик?!

Како се чува и негува македонскиот јазик?!
Во Македонија,  кога се работи за негување и чување на македонскиот јазик како културно и духовно богатство има многу проекти, но нема доволно средства кои ќе ги поткрепат истите и ќе овозможат нивна реализација. Од Институтот за македонски јазик  “ Крсте Петков Мисирков” реагираат дека се работат доста проекти кои се однесуваат на заштита на културното духовно наследство, но без доволно финансиски средства. Во Институтот, покрај Толковниот речник, се работат уште седум други проекти од национално значење, како и два меѓународни, кои се финансирани од Министерството за образование и наука на РМ, но за жал, потенцираат од Институтот, истите повеќе не се финансираат,  одошто се финансираат. “Еве заврши годината, а ние сè уште немаме добиено ниту денар за проектите, а се работи за проекти од национално значење: Речник на синоними, Речник на црковнословенскиот јазик, Македонски дијалектен атлас итн. Така не се работат проекти. Подмладок во Институтот немаме уште од 1999 година, така што оваа празнина тешко ќе може да се надополни. Воопшто, состојбата со науката во Република Македонија е лоша и не гледам дека нешто конструктивно се презема во таа насока, особено што се однесува на националните институти”-вели професор Симона Груевска-Маџовска од Институтот за македонски јазик. Во услови на постојано негирање на македонскиот јазик, додава,  дека  од примарно значење е работата на националните институти. Наместо да се финансираат како што треба, и проектите, и научниците, кои немаат средства да одат на меѓународни конференции каде што вистински се бранат националните интереси, тие  се соочуваат  со проблеми како да преживеат , дали ќе имаат парно греење или хартија за печатење. Посебен проблем се и лекторатите во странство кои еден по еден згаснуваат. Овие проблеми, велат лингвистите,  треба да бидат на приоритетна листа, а не постојано да се занемаруваат. “Речиси е смешно, да не е трагично, постојано да се зборува за македонскиот идентитет, за тоа дека не ги даваме името и јазикот, а Институтот за македонски јазик (како и другите национални институти) да имаат речиси егзистенцијални проблеми,  а тоа се случува долго време, повеќе од деценија” додава професор Груевска-Маџовска. На прашањето дали постои  стратегија како да го сочуваме јазикот како основна клетка на македонскиот идентитет, професорката Груевска –Маџовска вели дека ако постои, ретко кој може да ја види. Институционално е потребна вистинска борба, преку директни механизми и законски рамки да се воспостави единствен став по ова прашање. “Мислам дека во ова време кога идентитетот ни е нападнат од сите страни, од особена важност е да се даде примарно значење на македонскиот јазик и да се чува неговиот статус. Во најмала рака, да се почитуваат законите и да се казнуваат прекршителите. Еве, сведоци сме дека ни се случи да се регистрира име на основно училиште напишано на албански јазик со кирилски букви и уште да се тврди дека не е прекршен законот. Вакви случаи не смее да има. Повеќе од дваесет години се бориме во небулозен спор за името на сопствената држава, иако секому е јасно дека кога ќе се каже Република Македонија никој нема да помисли дека се работи за провинцијата Македонија во Грција ‒ да го споменеме само случајот на Република Ирска и Обединетото кралство на    Велика Британија и Северна Ирска, каде имаме име што се повторува во официјалните имиња на две соседни држави, па никој не прави никаков проблем околу тоа. Постојано сме манипулирани со тоа дали во тој спор влегува и името на јазикот или не. Со Република Бугарија имаме ситуација да ни ја признаваат државата, но не и јазикот, а внатре, пак, во самата наша држава да се снижува статусот на македонскиот јазик во полза на албанскиот. Не треба да ни се случи штитејќи ги политичките интереси да се изгубат националните. Македонија е мултиетничка, а не бинационална држава, и македонскиот јазик е лингва франка на сите граѓани што живеат на нејзината територија. Да се потрудиме тоа и да остане така”-вели професор Груевска-Маџовска. Во Македонија денеска се одбележува Денот на Св. Климент Охридски Веќе  седма година е државен празник, со кој се слави делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.Паралелно со црковната и педагошката Св. Климент  се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Просветителската дејност е аманет оставен уште од минатото.  Даскалите, наставниците, професорите , поминале низ една развојна фаза која од стравопочит и влијание во минатото, денес,  се почесто го губи значењето, но не само како обврска да се насочи и научи ученикот на основната култура, животни вредности и знаење, туку како остварување на основните начела на просветната дејност. Каков треба да биде наставникот или професорот во очите на своите ученици и која треба да биде неговата мисија? Професорката по македонски јазик од Педагошкиот факултет во Скопје, Благица Петковска вели дека се случувааат општествено -политички промени, и училиштето не може да избега од нив. “По осамостојувањето на државата настанаа промени во образованието, се менуваа закони, се правеа планови за работа во училиштата, се менуваа учебници, се трага кон подобрување на наставата на разни начини. Сето тоа е процес,некогаш недостасува систематичност, насоченост, затворање на кругот,  за на учителот да му се олесни работата. Тешко е да се каже каде се недостатоците,  кога започнале и како да се санираат, но  треба да реагираме. Еве јас лично и како методичар на настава по македонски јазик за одделенска настава, се повеќе го имам чуството дека недостасува вистинскиот час, недостасува училишната работа со спокојство, мир, со мисловни процеси кои непречено течат, учителот е растргнат помеѓу административните работи, електронски дневници, пополнување на формулари, извештаи, вклучување во проекти кои прават една личност да се удвои и утрои,  а дали е тоа можно физички и временски?  Затоа, треба да закочиме и размислуваме, треба училиштето да ја добие работната клима. А,  во однос на воспитната компонетнта, секој образовен предмет ја содржи истата, и со една организација на наставата за која што ние декларираме дека е современа, индивидуализирана, настава која води кон личноста, тогаш би успеале вистински, но давајќи еден ритам во училницата кој е спокоен и нуди мир и работа. Наставникот е пример за своите ученици и тој е должен да им ја даде основната насока, во сакање, чување и негување,  а во крајна мера и почитување на македонскиот јазик ”-вели професор Петковска. Професорите и  стручната јавност се се погласни дека се кршат законите, особено оние кои се однесуваат на почитување на употребата на македонскиот јазик. Но, ако се удри директно по џебот, веруваат дека ефектите за брзо време ќе се почуствуваат. “Законот за употреба на македонскиот јазик е донесен во 1998 година, со измени и дополнувања во 2008 и 2010 година, коишто главно се однесуваат на висината на глобата за непочитување на Законот. Во 1998 година висината на глобата беше од 10 000 до 200 000 денари за правното лице, а од 1 000 до 35 000 денари за одговорното лице во правното лице. Во измените од 2008 година глобата се покачи на 2 500 до 3 000 евра во денарска противвредност за правното лице, а на 700 до 900 евра во денарска противвредност за одговорното лице, и во измените од 2010 година за правното лице од 1 000 до 1 500 евра во денарска противвредност, а за одговорното лице од 600 до 800 евра во денарска противвредност. Со донесувањето на овој Закон се направи обид да се внесе ред во употребата на македонскиот јазик, како и обврска секој текст, пред да биде објавен, да се даде на стручно лице ‒ лектор. За некој да биде лектор, мора да има сертификат кој се добива со полагање лекторски испит. Но, во реалноста  работите не стојат баш така ‒ овој Закон сериозно се прекршува, а, во голем дел од случаите, не гледам дека се казнуваат сите прекршители”-вели професор Симона Груевска-Маџовска од Институтот за македонски јзик “Крсте Петков Мисирков”. Медиумите имаат главна улога во негувањето на македонскиот јазик! Според професорката Симона Груевска –Маџовска, медиумите, особено телевизиските, имаат огромна улога за македонскиот јазик. Голем дел од граѓаните не читаат и не слушаат ништо друго и остануваат само на тоа што го гледаат на телевизија. Сите грешки, лошо одбрани зборови, погрешни конструкции итн. потоа се пресликуваат во говорот на граѓаните. Затоа треба  да се посвети повеќе внимание на јазикот и на изборот на личностите коишто ни се обраќаат од другата страна на екранот. Во издаваштвото, пак, додава, исто така владее хаос. Големи издавачки куќи издаваат изданија на кои не е наведено име на лектор и не се знае ниту дали воопшто е лекториран текстот. Се објавуваат лоши и нелекторирани преводи и други изданија, а сакаме повеќе да се чита за да се збогатува јазичниот израз. Со што ќе се збогати? Резултатот може да биде катастрофален. Уште пострашно е кога во учебниците има непростливи грешки. Какво образование ќе добијат учениците и студентите? “Секојдневно гледаме реклами на телевизија, наслови на списанија, фирми итн. напишани на англиски јазик и со латиница, иако и според Уставот на РМ, и според сите закони во кои се регулира употребата на јазиците јасно е кажано дека службен јазик во Република Македонија е македонскиот и неговото кирилско писмо. Затоа велам дека е потребно да се залагаме за владеење на правото во нашата држава, зашто само со почитување на законите ќе може да се регулираат неправилностите. Во таа насока е и казнувањето на прекршителите” -додава професор Груевска-Маџовска. Статусот на јазиците во Република Македонија! Непосредно поврзано со законската регулатива е и прашањето за статусот на јазиците во РМ. Најпрво, сакам да укажам, потенцира професор Груевска –Маџовска, на потребата од допрецизирање на термините: национален, официјален, службен јазик и јазик во службена употреба. „Постои едно шаренило во употребата на овие термини и оттаму многу често произлегуваат различни толкувања на законите, па и манипулирање на јавноста. Според Уставот на РМ, како и според Охридскиот рамковен договор, Законот за употреба на македонскиот јазик и Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа, како и во Законот за трговски друштва, јасно и прецизно е напишано дека службен јазик во Република Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Таму каде што има повеќе од 20 % граѓани кои зборуваат на јазик различен од македонскиот јазик може да се употреби и тој јазик ДОПОЛНИТЕЛНО НА МАКЕДОНСКИОТ.  Тоа значи дека недозволено е да се ставаат натписи, табли и сл. на друг јазик, а македонскиот да го нема. Истото важи и за редоследот на јазиците. Сега во единиците на локалната самоуправа каде живеат над 20 % Албанци, албанскиот јазик стои прв, а на второ место стои македонскиот на сите официјални табли, патокази итн., или, пак, воопшто го нема. Ова се коси со законската регулатива и треба да се казнат прекршителите, иако се работи за државни институции, затоа што законите мора да важат за сите. Да се потсетиме, Република Македонија е унитарна, а не федерална држава и македонскиот јазик и кирилското писмо се службени на територијата на целата држава, и завршува, дека само со негово почитување можеме да го градиме и чуваме сопствениот идентитет, заклучуваат експертите. С.Б.
Слично

Поврзани вести