Како Русија гледа на Западот?
Џихадистите и Путин се главни безбедносни закани со кои што е соочена Европа. Или барем така сметаат креаторите на политиката на Западот. Џихадистите се и сосема јасни, но – зошто Путин?
Ако креаторите на политиката на Западот се запрашаат околу главните безбедносни закани со кои што се соочува Европа, тие ќе наведат два клучни фактори – џихадистите од таканаречената Исламска држава и рускиот претседател Владимир Путин, пишува Бриџет Кендал за BBC.
Заканата од страна на џихадистите е јасна. Но, зошто Русија?
Западните влади тврдат дека со припојувањето на Крим и со поттикнувањето на војната во источна Украина, Путин не само што го повредил суверенитетот на Украина, туку и ги предизвикал границите на Европа и себе си се прикажал како опасен и непредвидлив водач.
Тие се загрижени околу тоа што би можело да биде неговиот следен потег.
Од мировниот договор во Минск, во месец февруари, се чини дека украинската криза е една сосема непријатна и нерешлива игра. Разговорите за иднината на источна Украина продолжуваат со многу мал напредок, а и двете страни го прекршиле примирјето што довело до секојдневни жртви.
Иако Москва сето тоа го негира, постојат извештаи за руски воен ангажман во бунтовничките области, но и заробени руски војници. Западните санкции се и понатаму на сила, а руските односи со Западот се "кисели" на многу фронтови.
Што да се очекува?
Сепак, според пишувањата на BBC, не е во тек војна во полна смисла на зборот, а се поставува прашањето и што да се очекува во иднина.
Да се оцени е исклучително тешко. Една од причините поради која што западните планери се толку нервозни е бидејќи тие не се сигурни како да ги протолкуваат руските намери.
Најновите коментари кои што ги изнесе генерал-полковникот Евгениј Бужински, еден од руските меѓународни воени преговарачи кој е пензиониран од 2009-тата година, би можеле да помогнат во толкувањето. Неговата проценка за тоа каде стоиме во моментов е охрабрувачка, но и алармантна.
Тој ја отфрла идејата за потенцијален руски напад на балтичките држави како ирационална. Русинот тврди дека би било сосема глупаво Русија да нападне земја која што е заштитена од страна на НАТО.
Бужински исто така мисли дека конфликтот помеѓу Русија и Западот е намален во последните неколку месеци, делумно и поради договорот во Минск.
Промени се заклучуваат и во начинот на кој што Русите го толкуваат ставот на Обама кон вооружувањето на Украина.
- Ако некого го опремиш со оружје, ќе мора да му обезбедиш и инструктори, а приказната е дека Украинците може да се обучуваат некаде во западна Украина, а потоа тие да го земат оружјето и да одат на исток, вели тој.
- Инструкторите треба да бидат во првите линии. А ако е тоа така, би требало да има и жртви, губитоци, заложници и затвореници. А тоа би значело и директна вклученост на САД во конфликтот. Според мое мислење, токму тоа е причината поради која што Обама не е решен за да испрати смртоносно оружје, објаснува тој.
Истовремено, Бужински и опоменува – ако Киев испрати трупи преку линијата на примирјето како би се обидел со помош на војската да ја придобие назад источна Украина, тоа би било "црвена линија" за Русија.
- Ако Киев започне голема офанзива под изговор дека се гранатирани, тогаш Русија би можела да се вмеша во сето тоа, и секако, тоа значи дека ќе има и војна, вели тој.
Секако, некои ќе кажат дека Русија е веќе вмешана, но Бужински зборува за многу поголема инвазија и тоа е порака која што е вклучена во сите разговори со западните официјални претставници, со цел да го убедат Киев да остане воздржан.
Украинскиот претседател Петро Порошенко инсистира дека било кој потег поради кој конфликтот би ескалирал, најверојатно би дошол од руска страна.
Непријателство?
Уште еден интересен факт – во последните година дена многу руски воени и безбедносни фигури, вклучувајќи го понекогаш и самиот Путин, започнаа да тврдат дека САД сака да ја ослабе и уништи Русија за да обезбеди сопствена надмоќ.
Поради тоа, тие тврдат дека Русија треба да ги затвори сите непосакувани организации за кои смета дека ги преминале границите.
Сепак, Бужински не го гледа Западот како природен непријател на својата земја. Тој вели дека иако Русија во последните две години почувствувала поголема закана од страна на Западот, сепак тој не ги гледа Русија и САД како противници.
Неговото цврство уверување е дека Русија е европска земја, со начинот на размислување, но и сè останато, а со тоа е многу поблиска до Европа и САД, отколку до Кина, Индија и Кореја.
Но, дали можат Русија и Западот да бидат сојузници? Или на Русија ѝ е подобро да биде самостојна или пак да биде насочена кон истокот?
Ова е длабоко прашање зад моменталната криза, но и темелно прашање за рускиот идентитет и култура. Бужински вели дека околу ова е поделена и дел од воената елита.
Обработка: К.К.
Извор: BBC.
Слично
