Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како Регулаторна без анализа го промени Правилникот за густините со кој „удри“ по трговците со нафта

Како Регулаторна без анализа го промени Правилникот за густините со кој „удри“ по трговците со нафта

Трите нафтени компании кои имаат најголемо учество на пазарот на нафтени деривати утре во Регулаторната комисија за енергетика ќе ги презентираат тврдењата за штетите кои ги имаат од новиот правилник за густините на дериватите. Марко Бислимовски за Фактор потврди дека ќе разговара со претставници на компаниите. Остави простор дека е можно Правилникот за густините да се измени ако аргументите се силни. Сепак Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги нема силно уверување за потребата на измената која веќе ја направиле. Бислимовски тврди дека тоа било по податок од Царинската Управа врз основа на кој оваа институција ги пресметува акцизите, додека оттаму и вчера тврдеа дека правилниците секако ги носи Регулаторна.

Нафтените компании тврдат дека со примена на новите густини за нафтените деривати и горива за транспорт, признанените набавни цени на нафтените деривати и горива за транспорт се пониски од реално набавните за трговците што им предизвикува загуби од работењето.

Се поставува прашањето, ако и Царина и РКЕ креваат раменици, тогаш кој е од одговорен и кој ја предлага густината на дериватите. Остана нејасно и зошто без посебни анализи, а по низа разговори Правилникот сепак бил променет. Затоа нафтените компании прашуваат кој и со какви  познавања одлучил за тоа и дали членовите на РКЕ имаат познавања за оваа област како што треба.

Од Регулаторната комисија не одговорија точно дали имаат увид колкави се штетите на нафтените компании.

Од Макпетрол вчера посочија дека е нејасно од кои причини и врз основа на кои податоци и извори, РКЕ, од донесувањето на споменатиот Правилник во мај 2019 година, досега трипати ги менуваше густините на нафтените деривати и горивата за транспорт. Велат и дека на членовите на РКЕ многупати им биле презентирани релевантни документи, меѓу кои и Правилникот за квалитет на течните горива, за тоа кои густини на нафтените деривати и горива за транспорт вообичаено се користат во комерцијални цели за утврдување и за претворање на цени од килограм за литар нафтен дериват, како и примери за така утврдените густини во државите од регионот.


„Доколку членовите на РКЕ, од кои ниту еден член нема претходно искуство, ниту какво било познавање на пазарот со нафтени деривати и горива за транспорт, не го сменат својот личен став во однос на густините и не пристапат кон измена на предметниот Правилник со цел да предвидат  густини за нафтените деривати и горива за транспорт коишто се применуваат во државава и во регионот, „Макпетрол“ АД Скопје ќе биде приморан да преземе сериозни мерки,  кои, за жал, ќе резултираат со нарушување на стабилноста на нафтениот пазар во нашата држава, соопштија вчера од Макпетрол.

А.Т.

Слично

Поврзани вести