КАКО РАЗМИСЛУВААТ ГРЦИТЕ: За скоро две третини мигрантите се закана
Скоро две третини од Грците ги гледаат мигрантите како закана на економски, социјален и културен план, покажа истражување што го направи Националниот центар за социјални истражувања (ЕККЕ).
Истражувачот на ЕККЕ, Ангелос Трамунтанис изјави дека заклучокот е дека Грците ја гледаат миграцијата како закана на две нивоа: на ниво на економската и социјалната состојба во земјата, како и на ниво на идентитетот.
Од луѓето што учествувале во истражувањето, 65% одговориле дека мигрантите се лоши за грчката економија. 59% сметаат дека мигрантите ги земаат нивните работни места, а 59% се со став дека користењето на здравствените и социјалните услуги од мигрантите е поголемо од нивниот придонес во однос на даноците.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, истражувањето исто така покажа дека 63% од Грците сметаат дека земјата станала „полошо место за живеење“, како резултат на мигрантите, а 57% рекле дека културниот живот на Грција се влошил поради нив, наместо да се збогати.
Една третина од испитаниците рекле дека Владата не смее да биде премногу дарежлива во доделувањето на статус на бегалец на апликантите и 44,4% сметаат дека Владата ги третира мигранти кои пристигнале во Грција во последниот миграциски бран подобро од локалното население, во помала или поголема мера, 29,2% велат мигрантите и локалното население исто се третираат и 26,5% кажале дека тие се третираат многу или малку полошо.
Грците исто така многу негативно се изјасниле за муслиманите, со четири од 10 лица кои сметаат дека Грција не треба да ги прифати сите муслимански доселеници и уште четири од 10 рекле дека нивниот број треба да е ограничен во голема мера.
