Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ПРОПАДНАА 100 МИЛИОНИ ЕВРА КРЕДИТ ОД ЕБОР ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА - власта ја обвинува опозицијата, таа со свои аргументи

КАКО ПРОПАДНАА 100 МИЛИОНИ ЕВРА КРЕДИТ ОД ЕБОР ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА - власта ја обвинува опозицијата, таа со свои аргументи

Многумина си го поставуваат прашањето како земјава остана без 100 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој, кои земјава требаше да ги искористи за справување со енергетската криза. 

Она што сега е факт е дека европските банкари ги замрнале парите за земјава, и тие ќе ги дадат некаде на друго место, а ние нема да го користиме овој поволен кредит. 

„Да не беа неодговорните блокади од ВМРО-ДПМНЕ по налог на Христијан Мицкоски денес ќе имавме дополнителни 100 милиони евра од ЕБОР за поддршка на работата на ЕСМ во време на светска енергетска криза. Не го интересира Мицкоски ниту државата ниту граѓаните, само неговата фотелја во партијата и бизнис зделките, тендерите…“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Струмица.

Тој додаде дека Владата со нејзините политики успеала да обезбеди 80 милиони евра помош од ЕУ за справување со кризата, како и вклучување на Северна Македонија во заедничката набавка на гас и енергенси на ниво на ЕУ, а наспроти тоа од опозицијата доаѓаат само блокади.

„Е тоа е разликата меѓу мене и него, помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ние работиме ден и ноќ за граѓаните, за државата, тие блокираат. За нас интересот на државата е на прво место, за нив партискиот интерес е единствено важен и ништо друго. Тоа е голема разлика, огромна“ рече Ковачевски.

А, еве што за ова пред неколку дена кажа Мицкоски. 

„Димитар Ковачевски, јас не знам дали намерно или од незнаење кажа дека не сме ја говореле вистината кога станува збор за кредитот од 100 милиони евра, кој што треба да се користи за ликвидност на ЕСМ поранешно ЕЛЕМ. Кога велиме дека ако се земе тој кредит, тогаш се презема и обврската да се затвори до 2023-тата година Осломеј, а 2027-мата РЕК Битола. Еве јас од тука ви тврдам дека во законот за кредит кој што е дел од собраниската процедура јасно стои дека три услови се јасни, дека до 2023-та треба да се затвори Осломеј, а, до 2027 субцесивно 2025-та, 2026-та и 2027 се затвораат сите три блока во Битола“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека во втора половина на 2022 година треба да се интегрира македонскиот енергетски пазар со грчкиот, а во 2023-та со бугарскиот. Односно да се направи на Македонија енергетска анексија и енергетско уништување.

„Најодговорно ви тврдам подготвен сум јавно да застанам и да го бранам ова и да го спорам со секој еден дали бил од ЕБОР, Европска Банка, дали бил од Владата, од СДСМ, или пак од ЕСМ. Подготвен сум да зборувам и да ги имаме и двата документа, едниот е законот кој што е во Собрание, и другиот документ е договорот за заем што го има државата потпишано. Јас ги имам и двата. Најодговорно тврдам дека ова што јас го зборувам е вистината“, нагласи тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи со тоа ќе има нови 4.000 луѓе на улица. А, прашање е и што ќе се случи со сите оние компании кои што на директен или индиректен начин соработуваат со ЕЛЕМ во Битола и во Кичево.

Со кредитот од 100 милиони евра ЕСМ според предлог законот треба со 55 милиони евра да купува електрична енергија, 24 милиони евра би оделе за отплаќање на стари долгови, а 20 милиони евра за трошоци за пренос на струја, осигурување и одржување, како и исплата на плати.

Слично

Поврзани вести