Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како проектот Скопје 2014 стана крволочна арена за тешки партиски пресметки?

Како проектот Скопје 2014 стана крволочна арена за тешки партиски пресметки?
Контроверзниот проект „Скопје 2014“, иако во завршна фаза, сепак не престанува да ја бранува јавноста. Како што привршуваат градежните активности на проектот така се пожестоки стануваат и обвинувањата меѓу власта и опозицијата за тоа дали станува збор за непродуктивен и криминален или проект од културно и економско значење реализиран согласно законите. Дека „Скопје 2014“ допрва почнува да ја разгорува политичката арена зборува и фактот што дури и приведувањето на претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, се поврзува токму со „Скопје 2014“. Шиповиќ според опозицијата е приведен за да се прикријат трагите за криминал на контроверзниот проект. Само неколку дена по овој настан опозицијата побара кривично гонење на министерката  Елизабета Канчевска Милевска, бидејќи токму министерството за култура е клучно во спроеведување на проектот „Скопје 2014“. Во центарот на Скопје е направен криминал поголем од 300 милиони евра од страна на високи функционери на власта од ВМРО ДПМНЕ, обвини опозицијата и усно побара кривично да биде гонета министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска. Според опозицијата, министерката ја злоупотребила службената положба и овластување и го оштетила буџетот за  60 милиони евра. Односно, според тврдењето на СДСМ, министерката учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставила 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен-обележја, иако од содржината на истите и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека се работи за изградба на меморијални споменици, за кои општината не е надлежна  туку Собранието на РМ и тоа свесно знаејќи  дека за секој споменик поединечно Собранието мора да донесе одлука и тоа со Бадентерово мнозинство. „Имајќи ги во предвид законските одредби, бараме итно постапување на  МВР и Јавното Обвинителство, кои ќе докажат дека немаат селективен пристап и дека сите се еднакви пред законот. Повикуваме веднаш да се разгледат и можностите во врска со тоа дали Министерката може да го повтори делото, имајќи предвид дека се уште е на истата функција. Треба да се процени дали министерката за култура може да влијае на сведоците и дали министерката може многу лесно да се впушти во бегство надвор од државата знаејќи дека има дипломатски пасош? Државните институции се должни да реагираат, изјави Оливер Спасовски од СДСМ. По ниеден основ не е прекршен Законот за меморијалните споменици и спомен обележјата, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од влајдејаќката партија потенцираат дека секој  граѓанин, согласно позитивните прописи во државата може да поднесе иницијатива за подигање на спомен обележје, а со доставувањето на иницијативата Министерството за култура и министерот немаат направено никакво оштетување на Буџетот „Очигледно опозцијата нема храброст да поднесе писмена кривична пријава заради тоа што знае дека зборува невистини. Ако поднесе писмена кривична пријава, ќе добие контра тужба заради лажно пријавување и конечно пред суд ќе може да ја докажеме правилната вистина. Но нивната цел очигледно не е тоа, нивната цел е да ги бламираат политичките неистомисленици и да се надеваат дека ќе ги задскријат сомнежите за криминал против нивни партиски функционери, реагираа ОД ВМРО-ДПМНЕ. Го презема ли ВМРО-ДПМНЕ мнозинството во Советот на општина Центар за да се прикрие криминалот во „Скопје 2014“? Според сценариото кое се лиферува во политичките кругови, целта е ВМРО-ДПМНЕ да го преземе мнозинството во советот на општина Центар. Тоа би се случило откако Мирослав Шиповиќ ќе биде во притвор, а на негово место ќе треба да седне следниот кандидат за советник во општина Центар од листата на СДСМ. Но токму тука се отвора дилемата, со оглед дека следниот на листата на опозцијата е од ВМРО-НП, партија со која СДСМ беше во коалиција за локалните избори. Неизвесно е дали следниот кандидат од листата на СДСМ, сега ќе застане зад опозицијата или пак е можно да се приклони кон ВМРО-ДПМНЕ, со што таа партија ќе го има мнозинството во советот на општина Центар. Токму тука опозицијата го гледа сценариото за превласт во општина Центар, односно превземање на мнозинството во советот на општина Центар, со цел да се прикријат трагите за како што велат криминалот за „Скопје 2014“, направен во времето кога со општина Центар раководеше ВМРО-ДПМНЕ. Според опозицијата, власта се уплашила дека криминалот што го има направено за време на владеењето во општина Центар ќе излезе на виделина, особено сега откако беа анагажирани консултантите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски да направат ревизија за проектот поради што се бараат начини како да се стопира нивната работа и да не излезат во јавноист ревизорските извештаи. Тасева и Малиновски, веќе направија првична анализа на трошењета за оСкопје 2014, реализарни преку општина Центар, во која анализа констатираа серија злоупотреби, а општина Центар побара истрага да спроведе и Јавното Обвинителство. СДСМ – „Скопје 2014“ креираше политички затвореници Опозициската СДСМ бара од Собранието да расправа по прашањето дека во Македонија не се почитува уставното начело на презумпција на невиноста, дека има се повеќе политички затвореници и дека притворот се злоупотребува. За таа цел, социјалдемократите  до Собранието доставија Информација за потезите на Владата со кои се погазува уставното начело на презумпција на невиност и очекуваат на некоја од наредните собраниски седници овој документ да се најде на дневен ред. „Република Македонија, под раководство на Никола Груевски, се’ повеќе заличува на држава во која се спроведува политички прогон и политички монтирани апсења на неистомислениците на власта. Притоа, притворот, неговата несоодветна примена и неразумна должина на траење, стануваат главна алатка во рацете на власта. Според повеќето релевантни извештаи на меѓународни организации и влади кои ја третираат Република Македонија, постојат сериозни индикации и фактографија дека судската власт е длабоко срасната со извршната власт, изјави Ана Павлова Данева од СДСМ. Според Данева, долг е списокот на политички затвореници со кои власта на најдрзок начин се пресметуваше и се пресметува. „ Апсењето на Велија Рамковски и подоцнежното затварање на А1 телевизија, апсењето на Љубе Бошковски заради неговите силни критики кон власта, нелогично долгиот притвор на новинарот Томислав Кежаровски (единствен ваков случај во поновата европска историја), апсењето па ослободителната пресуда на Душко Илиевски (лажно осомничен за производство на дрога заради неговите критики кон власта) и уште десетина други случаи ја ставаат Македонија на ѕидот на срамот на влади кои се пресметуваат со политичките опоненти. Случајот “Претседавач“ е последниот во низата такви случаи. Мирослав Шиповиќ, и покрај експлицитно искажаната волја (по најавата за негово апсење) дека веднаш се враќа во Македонија, и иако истрагата е завршена, а доказите и сведоците се обезбедени со што притворот станува бесмислен, веќе е “осуден“ во јавноста, додава Данева. ВМРО-ДПМНЕ : СДСМ врши притисок врз судството На ова пак возвратија од ВМРО-ДПМНЕ со став дека  СДСМ не престанува со притисокот врз судството и судските органи. Тие  и по цена на девалвирање на институциите и законските постапки, продолжуваат да се однесуваат неодговорно само за да го заштитат високиот партиски функционер Мирослав Шиповиќ, посчија од владејачката партија нарекувајќи ја иницијативата како скандалозна. „Оваа скандалозна иницијатива која ја покренува СДСМ е директно мешање на законодавната власт во работата на судската власт. Дотолку повеќе што ваквата иницијатива ја промовира универзитетскиот професор Ана Павловска Данева, со што  покажува елементарно непочитување на основните уставни начела во Република Македонија. Очигледно СДСМ е подготвена да ги гази законите и Уставот во Република Македонија само за да заштитува лица за кои постојат основани сомневања дека сториле криминал. Дополнително, СДСМ ваквите притисоци врз судската власт ги прави без исклучок за случаи каде што обвинети или осудени се лица, кои се дел од нивното раководство, но не и за било кој друг граѓанин, стои во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ. Каква разрешница ќе има иницијативата на СДСМ во Собранието да се расправа за притворите на Шиповиќ, Рамковски, Ќежаровски, Бошковски и останатите останува да се види. Сепак веќе е јасно дека проектот Скопје 2014 уште долго време ќе ја бранува целата македонска јавност. С.Н.
Слично

Поврзани вести