Како пратеничките Грчева и Буралиева ја објаснуваат одлуката на останат во Собранието?
Подготвена сум да ги сносам сите последици - вака во изјава за „Фокус“ се изјаснува пратеничката Љубица Буралиева, која одлучи да не ја следи партиската директива и да ја повлече оставката депонирана во Собранието.
Според неа, одлуката не била лесна и за неа долго размислувала, но вели и дека на овој начин се обидува да спречи нејзиното место во Собранието да го заземе некој „вештачки опозиционер“.
„Искрено верувам и посакувам, како поголемиот демократски настроен дел од народов или граѓаните на оваа земја, за уривање на режимот, и не е спорно дека бојкот е неопходен, но, и ние новоизбраните требаше да бидеме слушнати, да се прифати дел од нашите размислувања за начинот на бојкотирање. Изборниот процес беше нерегуларен,тоа е јасно,но резултатите се тие. Новоизбраните имаат капацитет, но бојкотот да го водиме во институцијата која ја признаваме „по потреба“ и да го искористиме законскиот рок и да не дозволиме Груевски да создаде опозиција по негова мерка“, вели таа за „Фокус“.
И Солза Грчева во изјава за овој весник ја потврдува својата одлука да ја повлече оставката депонирана во Собранието.
„Кога веќе учествуваме во другите институциите на системот, како локални управи, совети, комисии, сметам дека бојкот само на Парламентот е недоволен. Конечно, не се согласувам моето пратеничко место да се поклони на други сателитски партии за што постојат најави. Јас мислам да бидам многу гласна и жестока во борбата со овој режим, и од Парламент, но и секаде каде таа борба ќе се води“, вели Грчева.
Претходно, одлука да не поднесе оставка од пратеничката функција донесе и Роза Топузова-Каревска од ЛДП. Се уште е нејасно каков ќе биде ставот на опозицијата кон пратеничките кои не прифатија да ја следат партиската позиција за бојкот на Парламентот. Партијата уште не го коментирала нивниот потег.
Слично
