Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ПОНАТАМУ: Шарената револуција носи нови идеи!

КАКО ПОНАТАМУ: Шарената револуција носи нови идеи!
Ако дождот е бериќет - тогаш бериќетна ќе биде борбата на граѓаните за подобро утре, за промена системот, за суштински промени на апатичниот амбиент во кој се заглавени, за борба против криминалот и корупцијата, за враќање на судскиот и правниот систем во кој секој ќе биде равноправен пред правдата -вели за Фактор, студентот по медицина Демијан Хаџи-Ангелковски. Слободата се добива со истрајност и верба, кои му останаа единствено оружје на народот, откако со вчерашните апсења на граѓански активисти власта сакаше да манифестира страв и закани упатени кон неистомислениците. Но вели не им успеа планот, граѓаните уште помасовно се приклучуваат на шаренилото. Пораката “Еднаквост, правда и слобода“ испишана на белото платно кое го носи поворката од демонстранти во првите редови, според него е упатена за сите кои со години го трпат притисокот и заканите од актуелната власт, дека ако не си со нив – си прв непријател, дека мораш да бидеш вечен и верен партиски послушник и да слугуваш за услугата која ти ја направиле добиена од џебот на граѓаните. “Oва се трите идеали од кои за жал избегавме многу далеку во изминативе неколку години. Станаа обични три збора за кои ретко кој веќе вистински знае што значат. Не можеме да градиме здрава и цврста демократија доколку немаме фер,непристрасна и неселективна правда за сите, еднаквост и недискриминација помеѓу граѓаните и се разбира, слобода на говор, слобода на мисла и слобода на изразување”-смета Хаџи-Ангелковски. 26473592102_0b63a0ff13_h Антивладините протести кои не ги поколебаа граѓаните ниту на силниот дожд да излезат на улиците во центарот на Скопје вели се за да се врати здравото и силно граѓанско општество, кое ќе биде доволно моќно да ја контролира работата на оваа и сите следни влади и кое нема да дозволи ова зло никогаш да се повтори. “Државата, онаква каква што е денеска, нема да може да продолжи уште долго да функционира. Проблемите во системот се трупаат еден врз друг и полека ги затвораат сите можни решенија за излез од кризата. Има комплетно отсуство на непристрасна правда, поддржано од криминален режим кој сака да владее, се чини, доживотно со Македонија. Од тука понатаму се прошируваат сите проблеми: нефер судство, политички затвореници, случаеви како Космос и Телевизија А1, па се до најновите случувања, односно аболицирање на сите оние за кои СЈО имаше отворено истраги”-додава Хаџи-Ангелковски. Несреќната изјава која минатата недела беше испорачана на контрапротестите, за времено укинување на невладините организации и на дел од партиите кои се неистомисленици со актуелната власт, според него е поразителна перцепција која ги подели граѓаните на “наши” и “ваши”. Па така наместо за подобар и поквалитетен живот но и повисок стандард, дел од граѓаните се трујат со гол популизам и национализам. Карта на која играат само оние кои го предвиделе сопствениот пораз. “Со термините, како „патриотизам“, „национализам“ и „национално единство“ направија длабок рез помеѓу граѓаните и ги поларизираа максимално. За ваквата поделба да биде дефинитивна ги полнат своите истомисленици со тешка омраза, насочена кон оние што тие ги нарекуваат „комуњари“, „соросоиди“ и „платеници“. Оваа најнова реторика која почнаа да ја користат од пред неколку дена е само продолжение од онаа на која веќе сме навикнати. Само продлабочување на омразата кон „светските сили кои ни мислат само лошо и сакаат да го тргнат добриот Груевски од власт“.Пораките НЕ ВО ЕУ и НЕ ВО НАТО, се исто така одличен показател за ова. Затворањето на НВО би било само дефинитивно бетонирање на фактот дека ова е отворена диктатура и верувам дека ќе води единствено кон меѓународна изолација од која, за жал, нема да страдаат само политичарите во Македонија” –порачува студентот. Власта не отстапува за реализирање на избори по секоја цена со што дополнително го подгрева незадоволството кај граѓаните. Избирачкиот список кој остана ”зачистен-недочистен” фрла сомнеж на работата на Државната изборна комисија која се чини од ден во ден е се подалеку од решавање на клучниот проблем за обезбедување на чист избирачки список за спроведување на фер и демократски избори. Граѓаните стануваат погласни дека ќе ги бојкотираат изборите во кои актуелната власт гледа единствен начин за излез од политичката криза и лесен пат за освојување на повторна власт. 13048119_10208860853909857_4926989042103225357_o “Се’ додека институциите не ме убедат дека избирачкиот список е прочистен, јас ќе бојкотирам избори. Сакам мојот глас да вреди нешто, а не да биде девалвиран со фантоми, Пустец или што уште не имаат додадено во него. Тие не сакаат избори, тие сакаат местени избори, тука е разликата. Знаат дека губат секојдневно по многу членови и гласачи и дека доколку избирачкиот список не е местен во полза на ВМРО ДПМНЕ, тие многу тешко би победиле на избори. Се разбира дека ова го подгрева незадоволството, бидејќи на сите ни е преку глава од местени, нефер и крадени избори. Еден гласач = еден глас” -дециден е Хаџи-Ангелковски. Студентите вели се навикнаа на вперен прст, опомени, заокружувања, но тие минатата година го пробија ледот и се соочија со притисоците и заканите. Сега вели е полесно, знаат што сакаат и како да стигнат до целта. Ако лани се бореа за враќање на универзитетската автономија, сега се борат за враќање на својата држава. “Во моментов се наоѓаме во полн ек на кризата, нејзината кулминација, каде како граѓани немаме пристап до сите информации што точно се разговара зад затворени врати. Но, сепак и ние младите верувам дека сме способни да поставиме приоритети. Доколку кризата се надмине со пад на режимот, верувам дека ќе се врати многу надеж кај младите, која за кратко може да стане и мотивација да се остане дома и да се помогне во градење на Македонија. Се разбира, кризата влијае негативно, но на секојдневните протести има и многу млади кои за прв пат излегуваат на протест, млади на кои им е смачено од толерирање на системот кој не функционира и не им носи реален бенефит. Ова е одличен податок, од кој особено треба да се гордееме”-потенцира Демијан. Обичниот граѓанин, како што вели идниот лекар, не може да живее повеќе во вакво хиперполаризирано општество, каде е толку длабок резот помеѓу граѓаните. Ова според него не е политика која може долго време да издржи бидејќи кога тогаш ќе имплодира над својот притисок и ќе донесе само многу лоши последици за сите во оваа држава. “Сомнежот не верувам дека може да биде поголем отколку што е сега. Десет години тешка пропаганда од страна на власта, за жал, си го има направено своето. Младите бараат подобро образование, а добиваме бесплатен автобус. Бараме нови учебници, добиваме бесплатно патување во странство. Супер се тие работи и поволности, но не го решаваат коренот на проблемот, ниту пак мене ќе ме направат подобар доктор утре. За обичниот човек останува да добива СМС пораки и сендвич и да оди на контрапротест, каде ќе му биде полнета главата со омраза. За обичниот човек останува да напише критичен статус на Facebook и да биде казнет од работа. За обичниот човек останува да излезе на протест и да биде заокружен како „комуњар“ и „предавник“”-смета Хаџи-Ангелковски. Младиот студент кој секој ден е на браникот на отпорот очекува граѓаните добро да ги проучат трите вредности за Еднаквост, Правда и Слобода бидејќи тогаш и само тогаш, како што вели ќе може да се создаде здраво општествено и граѓанско ткиво кое никогаш повторно нема да дозволи да се појави нов Груевски. “Ние доаѓаме од различни средини, од различни политички убедувања, но со една цел - крај на режимот, враќање на правдата - токму затоа сме шарени и дел од Шарената Револуција”-порачува Хаџи-Ангелковски. С.Б.
Слично

Поврзани вести