Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ПЛАТИТЕ НА БАНКАРИТЕ РИПНАА ЗА 24 ОТСТО, програмерите, пак, стигнаа до 1.200 евра

КАКО ПЛАТИТЕ НА БАНКАРИТЕ РИПНАА ЗА 24 ОТСТО, програмерите, пак, стигнаа до 1.200 евра

Програмерите во земјава се ближат до плата од 1.200 евра.

Тоа го покажуваат податоците за просечно исплатената нето плата во земјава во април оваа година.

Според бројките на Државниот завод за статистика, во април во дејноста компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, просечно исплатената нето плата пораснала до 73.108 денари, што е рамно на 1.188 евра.

Тоа е пораст за 9,1 отсто во однос на просекот од минатата година, и дури за 16,4 отсто во однос на истиот месец од ланската година.

Голем пораст во април имаат платите на банкарите. Тие во април се искачиле на над 55 илјади денари, што е раст од над 20 отсто во однос на просекот од 2020 година, а во однос на истиот месец лани порастот е дури 24 проценти.  

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2021 година, во однос на април 2020 година, изнесува 110,1, што значи дека има пораст на вкупните плати за над 10 проценти.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (28.6 %), Финансиски дејности и дејности на осигурување (24.0 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (21.7 %).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21.4 %), Уметност, забава и рекреација (3.7 %) и Земјоделство, шумарство и рибарство (2.9 %).

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2021 година, изнесува 28 438 денари.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести