Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како одлука на Уставен водеше кон поголеми плати за вицепремиерите во Владата?

Како одлука на Уставен водеше кон поголеми плати за вицепремиерите во Владата?

Замениците на премиерот Зоран Заев наскоро ќе добијат поголеми плати доколку пратениците во Собранието на Република Северна Македонија се согласат да го изгласаат новиот Предлог закон за Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Причината поради која воопшто започна процедура за усогласување на платитте на вицепремиерите е една одлука на Уставниот суд, кој всушност го укина членот 14 од постоечкиот закон. Поточно, со таа одлука се направи номеклатурна измена бидејќи со самиот Устав не е предвидена позицијата „потпретседател“ на Владата. Секако, терминолошки зборот потпретседател иако непрецизен и неточен се користеше во минатото, заедно со колоквијалниот израз „вицепремиер“ што исто така не ја дава целосната слика за суштината на функцијата која ја врши еден заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Членот 14 во делот на „потпретседател на Владата“ беше укинат на седница на Уставниот суд на 21 февруари поради погрешната терминологија и неусогласеност со Законот за влада. Иницијативата пред Уставен суд ја поднесе политичката партијата Левица. Предлагачот на Предлог законот, затоа побара нова измена со која ќе може да се изврши соодветна пресметка и утврдување на висината на плати и надоместоците на замениците на премиерот кои се избираат од редот на министрите.

На замениците на премиерот, самиот претседателот на Владата им доделува овластувања кои произлегуваат од неговите прави и обврски, како и ингеренции да го заменуваат додека тој е на отсуство. Со предлог измените петте актуелни заменици претседатели на Владата на Република Северна Македонија ќе добијат нова пресметка на плата со коефициент од 4,00 наместо со претходната пресметка од 3,70. Со тоа се предвидува нивната бруто плата да се зголеми месечно за нешто над 8000 денари. Тоа ќе придонесе и за финансиски импликации врз буџетот на Република Северна Македонија, односно и поголем товат за државната каса. На годишно ниво државата за петте „вицепремиери“ ќе издвојува дополнителни 481.620 денари.

Исто така во предлог законот се предвидува пресметка на плата и надоместоци од коефициент 4 да важи и за потпретседателот на Собранието, како и за претседателот на Уставниот суд на Македонија.

На претходната седница на собраниската комисија која го разгледува законското решение не беше прифатен предлогот на опозицискиот пратеник Влатко Ѓорчев за повлекување од дневен ред. Постапката за предлог законот во прво читање ќе продолжи на седница на законодавно-правната комисија.

Тоа што на замениците на претседателот на Владата, Хазби Лика, Радмила Шекеринска, Кочо Анѓушев, Оливер Спасовски и Бујар Османи ќе им се зголеми бруто платата за 8000 денари месечно предизвика остри политички реакции од страна на опозицијата, но и на социјалните мрежи од незадоволни граѓани. Меѓу функционерите кои ќе добие покачување на платата е и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор и политички систем кој не доаѓаше на работа во Владата, а притоа земаше плата и не претрпе никакви последици.

Од владата пак, во декември минатата година преку соопштение тврдеа дека вицепремиерите нема да добиваат зголемување на платата, туку дека се вршело само „терминолошко“ усогласување.

„Нема зголемување на платите на замениците на претседателот на Владата на Република Македонија. Имено, со Законот за Влада е предвидено Претседателот на Владата, од редот на министри, да именува заменици, кои го заменуваат во негово отсуство. Нивната плата треба да се утврдува со коефициенти утврдени со Законот за плата и другите надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија“ пишува во Владиното соопштение.

Откако Уставниот суд го укина членот 14 платата од 1156 евра на замениците на претседателот на Владата се намали на 1070 евра, а беше предвидено годишно од државна сметка да се заштедат по 10 илјади евра годишно.

На седница за пратенички прашања вицепремиерот Анѓушев тврдеше дека воопшто и не знае колкава плата зема бидејќи таа целосно ја донира таму каде што е потребно и дека тој не се борел за повисоки примања за функцијата која ја врши. 


Х.С.

Слично

Поврзани вести