Како од обичен граѓанин станав криминалец?!
И во Новата година продолжуваат голготите на граѓаните кои со години се исклучени од системот за парно, а плаќаат сметки за услуги кои не ги користат. Новогодишните и Божиќните празници и годинава велат за нив ќе бидат со скромни трпези и скратен семеен буџет бидејќи наместо за дома, парите ќе ги потрошат на адвокати и долги и мачни судски постапки.
Дипломираниот електро -инжењер Марјан Ненов за Фактор раскажува дека со години се бори со проблемот наречен “исклучен потрошувач” за што плаќа сметки за услуга која не ја користи. Тој успеал да влезе во нов дом и помислил дека решил едно големо животно прашање, но за него проблемите само што почнале.
“Не се залажувајте , додека вие правите планови како да се сместите и да го уредите својот дом за живеење, некој кова план како да Ви го земе. Во мојот стан парното греење беше исклучено, договорот со Топлификација раскинат, подмирени сите давачки. И откако преку три години се греев со климатизери дојде аберот од компанијата, почнаа да испорачуваат сметки. Чекајте, па нели е исклучен станот и платено да се направи тоа? Како тогаш треба да платам нешто и што е тоа? Замислете измислиле дека сум некаков “исклучен потрошувач“ и дека им должам за некаква “ангажирана моќност“. Знаев како функционираат монополите и како насилнички се однесува кога некој е моќен. Мобингот врз мене започна. Веднаш им ја вратив фактурата и им напишав писмо дека станот не е приклучен кон Топлификација, дека немам намера да се приклучам, дека ме вознемируваат и да престанат да го прават тоа! Мобингот продолжи до крајот од 2012, а од наредната година на фактурите се појави некоја фирма БЕГ ДООЕЛ. Решив да не дозволам некој да ме уценува, притиска и да си игра со моето достоинство. И нив им ги вратив фактурите и решив да не потклекнам. Фактурите упорно ги праќаа, а по неколку месеци почнаа и со опомени за да на почетокот од 2015 преку нотар ми пратат Налог за извршување , а по мојот Приговор и тужба на суд”-раскажува Ненов.
Потоа следеле и други тужби, почнале рочиштата, на шоковите им немало крај. Ненов бил убеден дека Уставот и Законот се на негова страна и дека нема неправено никаков прекршок, но морал да се брани. Докажувал дека е невин, ангажирал адвокат, судски вештак, почнал од мака да ги учи законите. За кратко време разбрал и за многу други како него, стотици, илјадници.
“И кога човек ќе ја започне оваа борба сваќа колку е труло нашево опшество. Се разочарува во институциите на кои им се обратил и кога на добар дел недобил ни одговор а само во неколку и покрај класичното одбивање пишуваше “ Ние Ве охрабруваме да продолжите со Вашите напори...“. Кој цинизам!?! Разочарувањето беше уште поголемо кога уште пред да започне првото рочиште судијата ме праша: “А зошто не си платиш, вака повеќе ќе те кошта?“ и потоа да ти кажува невистини од типот дека Уставен суд веќе одлучил исклучените да плаќаат. Тогаш сватив дека овој организиран криминал e осмислен и испланиран за да ти ги земат парите и имотот и некој таму моќник да заработи уште повеќе”- потенцира Ненов.
Добар дел од известувањата како што вели не стигнуваат до станарите, тие дури незнаат дека против нив некој дал налог за извршување и тоа ќе го откријат дури кога ќе им ја блокираат сметката и ќе им ги соберат парите.
“Нормално и тоа треба да се наплати. Ако сепак успеете да го добиете налогот и дадете приговор тогаш започнуваат судските авантури. Веќе имам 5 судски процеси и запознав судии кои судат по нечива директива, запознав судии кои се плашат да судат според Закон за да некој не ги “сотре“ , а се надевам и дека налетав од оние вистинските судии кои се доволно смели и интелигентни да пресудат според Закон, Устав и свое лично убедување. Останува прашањето – Кој е тој толку моќен да го изведе ова?” -прашува Марјан Ненов кој е еден од стотиците граѓани исклучени од системот за парно греење.
Овие граѓани се разочарани од Власта, од институциите, компаниите, кои велат немилосрдно бараат начини за наплатување на долговите, но не и решенија како да им се помогне на оние кои со години од редовни потрошувачи станале исклучени граѓани и скапо ја плаќаат неискористената услуга.
Тие очекуваат конечно годинава да се реши нивниот проблем. Ненов е разочаран бидејќи од граѓанин кој ја сака својата земја и кој редовно ги подмирува давачките и даноците кон сите институции, вели станал “криминалец “ без причина, а со последици кои влијаат на неговиот живот. Затоа тој порачува:
“Јас и понатаму ќе продолжам со својот криминал се додека заедно со останатите од мојата банда не го разоткриеме и “разгаќиме БИЗНИСМЕНОТ”!”
С.Б.
Слично
