Како намалувањето на ДДВ за струјата ќе влијае на буџетот: Пратениците гласаат денеска
Пратениците денеска во 13 часот треба да почнат со расправа за измените на Законот за Данокот на додадена вредност со кои Владата предложи намалување на овој данок од 18 на 5 проценти за електричната енергија. Одредбите на изменетиот закон требаше да стапат на сила впрочем на 1 јули за да може со намалениот ДДВ да се амортизира зголемената цена на електричната енегија која важи веќе од истиот месец. Сепак поради неусвојувањето месецот почна без да може да се пресмета понизок ДДВ и за деновите кои поминале без намалениот данок секако сметките ќе бидат повисоки.
Ако се усвојат измените денеска тоа ќе значи дека по излегувањето во Службен весник па до 30 јуни 2022 година во државата стапката на ДДВ за за струјата ќе биде 5 проценти. Согласно предлог измените за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка за ДДВ за прометот и увозот на електрична енергија за домаќинствата ќе изнесува 10 проценти.
За периодот по 1 јули 2023 година даночната стапка повторно ќе биде 18 проценти.Во Законот стои дека државата нема трошоци за имплементацијата на овој закон. Сепак буџетот се откажува од дел од даночните приходи по основ на ДДВ. Според најавите намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти за електричната енергија во првата година ќе го чини буџетот 1,1 милијарди денари или речиси 18 милиони евра.
Инаку во првиот квартал од годинава државата успеала да собере во буџетот од ДДВ безмалку 213 милиони евра, а во цела пандемиска 2020 година по овој основ во буџетот инкасираше нешто над 762 милиони евра. Во 2019 година, нето платениот ДДВ во буџетот изнесува 846 милиони евра.
А.Т.