Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како „Макстил“ ја „топи“ кризата?

Како „Макстил“ ја „топи“ кризата?

Добивката на „Макстил“ во првите три месеци годинава порасна за 20 пати во споредба истиот период лани. За три месеци профитот изнесува 1,2 милиони евра и ќе беше и значајно повисок доколку друштвото не мораше да издвои над 335.000 евра за камати и курсни разлики

Македонската челичарница „Макстил“ има одлично тромесечје, покажуваат официјалните финансиски резултати за периодот јануари – март годинава објавени на СЕИ – НЕТ сервисот на Македонската берза.

За 90 дена компанијата го зголемила извозот за 19 отсто до износ од 19,8 милиони евра, а вкупната продажба за овој период изнесува 21,6 милиони евра. Вкупните приходи од продажба на „Макстил“ се зголемени за 4 отсто во споредба со истиот период лани. На домашниот пазар друштвото продало стоки вредни 1,84 милиони евра.

На другата страна од билансот – вкупните оперативни трошоци изнесуваат 20,6 милиони евра и во однос на истиот период лани се поголеми за 29 отсто. Најголема трошковна ставка се трошоците за суровини и други материјали кои изнесуваат 14,1 милиони евра и во споредба со првите три месеци лани се зголемени за 39 отсто. За вработените „Макстил“ за овој перод платил 3,1 милиони евра што е за 8 отсто повеќе од лани.

Оперативната добивка на друштвото изнесува 1,6 милиони евра и е за четири пати поголема од истиот период лани.

Од достапните податоци се гледа дека финансиските расходи на друштвото и понатаму остануваат голем предизвик за справување особено затоа што нивното намалување може позитивно да влијае врз добивката на компанијата. За три месеци друштвото платило 330.500 евра за камати и курсни разлики и тоа е солидно висок износ иако има намаување за 6 отсто во однос на истиот период лани.

Нето добивката на компанијата за три месеци изнесува 1,2 милиони евра и тоа е за 20 пати подобар резултат од истиот период лани.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести