Како „Макпетрол“ за три месеци направи 1,56 милиони евра профит?
Во услови кога „Макпетрол“ го зголемил профитот за 125 отсто во споредба со истиот период лани тој изнесува само 2,25 отсто од сите приходи од продажба. Има ли простор за подобрување???
Најголемата македонска компанија за трговија на мало со нафтени деривати во првите три месеци годинава книжи профит од 1,56 милиони евра односно 96,7 милиони денари. Профитот на „Макпетрол“ е поголем за 125 отсто од истиот период лани и се должи на зголемени приходи од продажба на деривати и на продукти на нивните бензиски пумпи.
Во првите три месеци годинава вкупните приходи од продажба изнесуваат 4,297 милијарди денари и тоа за 323 милиони денари односно за 8 отсто повеќе од истиот период лани. Од тоа продажбата на домашен пазар изнесува 4,088 милијарди денари и е повисока за 7 отсто од истиот период лани, а продажбата на странски пазари бележи раст од 50 милиони денари односно 31 отсто повеќе од истиот период лани.
Во овој период оперативните расходи на „Макпетрол“ пораснале за 7 отсто односно за 260 милиони денари што значи оперативна добивка од 111,8 милиони денари.
Во објаснувањето од менаџментот на „Макпетрол“ пишува дека во првиот квартал годинава компанијата остварила зголемена продажба на дизел горива, автоплин, пропан-бутан и метан, а книжи намалување на продадените количества бензини. Најзначаен процентуален раст има кај метанот кој е најмалку застапен во структурата на горива. Најголемо зголемување во количество на горива има кај дизелите и тоа за речиси 1.400 тони. Солиден раст од 10 отсто односно 329 тони има кај автоплинот. Во образложението на менаџерите пишува и дека има зголемени приходи од продажба на стоки за широка потрошувачка кои се нудат на бензинските пумпи, но не пишува колку е зголемен приходот од тие стоки кои се продаваат на пумпите.
Важно е да се истакне дека „Макпетрол“ за еден квартал платил 26,85 милиони денари за камати и крусни разлики односно 22 отсто повеќе од истиот период лани. Во исто време се зголемиле и неговите финансиски приходи за 6,5 милиони денари до ниво од 21,2 милиони денари.
Р. Ф.
