КАКО МАКЕДОНСКИТЕ ФИРМИ ДА ВЛЕЗАТ НА НАТО ТЕНДЕРИТЕ - отсега ќе имаат помош од Стопанската комора и Министерството за одбрана
Утре во 12.30 часот во просториите на Стопанската комора на РСМ ќе се одржи официјална промоција на Поткомитетот “НАТО и бизнис заедницата“ преку кој ќе се делува во насока на информирање и помагање на македонските компании заинтересирани за соработка со НАТО, соопшти комората.
Членството на Северна Македонија во НATO Алијансата носи низа дополнителни придобивки и можности за македонската економија со што компаниите добиваат можност да учествуваат на набавките објавени за потребите на НАТО и земјите членки.
Како што нагласуваат од Службата за информирање на Стопанската комора, на настанот во име на претседателот на Поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата„ г-дин Бранко Азески ќе се обрати потпретседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија г-дин Зоран Јовановски, министерката за одбрана, гѓа Славјанка Петровска и г-дин проф. д-р Марјан Ѓуровски, претседател на Комитетот “МКД НАТО 2030“.
Во наредниот период Министерството за одбрана на РСМ преку овој Поткомитет
заедно со коморите во земјата и Центарот за поддршка на компаниите при учество на
тендерите на Алијансата ќе понуди целосна, сеопфатна поддршка за секоја компанија
која ќе пројави интерес. Меѓу другото ќе се промовира и детално ќе се запознаат со
постапката за упис во евиденцијата на економски оператори, кои може да се
регистрираат за учество на јавни набавки на НАТО и земјите членки.
