Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како ќе му помогнат бесплатни 50 илјади ПЦР-тестови на македонскиот туризам?

Како ќе му помогнат бесплатни 50 илјади ПЦР-тестови на македонскиот туризам?

Додека туристичката сезона започнува со нејзиното отворање кај одредени европски дестинации, во Македонија од минатиот месец се најавува мерката од шестиот пакет на државна помош со обезбедување на 50.000 бесплатни ПЦР-тестови за странските туристи.

Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи велат дека мерката ќе ја спроведува Институтот за јавно здравје со своите акредитирани лаборатории и дека владата на Фондот за здравствено осигурување ќе му ги исплати потребните пари за купените тестови.

- Ние очекуваме дека бројот на странски туристи годинава ќе изнесува околу 50.000, но кога бројот евентуално ќе достигне 40.000, ние според динамиката, ќе размислиме дали ќе биде потребно да се набават дополнителни тестови, така што странските посетители пред да заминат дома ќе можат бесплатно да се тестираат во Македонија и при нивното враќање истиот да го прикажат во нивната земја без да имаат трошоци, велат од кабинетот на Битиќи.

Ана Марија Алексова од Туристичко угостителската комора смета дека промоцијата на оваа мерка треба да биде добро искоординирана за да биде ефикасно спроведена и да го даде својот ефект.

- Ова е добредојдена мерка, која ако не биде добро организирана, нема да придонесе во привлекувањето на странските туристи. Како предуслов за тоа е ние да излеземе од онаа црвена зона и да нема задолжителен карантин при враќањето на гостите во своите земји, но и да им се даде приоритет на хотелиерите и на туристичките водичи при вакцинирањето, како што тоа го направи Турција, за ние да ја стекнеме довербата како безбедна земја, вели Алексова.

Шабан Мемети, директорот на Институтот за јавно здравје, вели дека за оваа мерка ќе биде потребно посебно законско решение и насоки од Министерството за здравство.

- Примероци странските туристи ќе може да даваат секаде каде што имаме пунктови, а потоа резултатите ќе бидат спроведени во нашите акредитирани лаборатории, вели Мемети.

Јованка Стурлакова-Коровешовска од Центарот за јавно здравје - Охрид, каде се очекуваат најголем број на странски посетители, вели дека резултатите од 50-те илјади ПЦР-тестови ќе бидат брзо потврдувани.

- Брисовите ќе се земаат во Охрид, а потоа примероците ќе се испраќаат во акредитираната лабораторија во Скопје. Резултатите ќе бидат познати уште истиот ден, а туристите ќе ги добиваат дигитално, најавува Стурлакова-Коровешовска

Туристичките работници преку стопанските комори во изминатиот период бараа државата да обезбеди бесплатни тестови за странските туристи со што ќе им овозможи да се одлучат за престој во туристичките локалитети во земјава.

А.К.


Слично

Поврзани вести