Како ќе изгледа Собранието откако Грчева и Буралиева решија да не поднесуваат оставки?
Распоредот на силите во Собранието нема суштински да се промени, но одлуката на двете пратенички Солза Грчева и Љубица Буралиева да не поднесат оставки на пратеничките функции сепак ќе донесе одредено поместување, особено во редовите на опозицијата.
Со нив, бројот на пратеници во Собранието избрани од листите предводени на СДСМ се зголеми на 3, откако претходно оставка не поднесе ниту Роза Топузова-Каревска од ЛДП.
Освен нив, еден пратеник во Собранието има и ГРОM - Чедомир Саздовски. Но, дури и ако се договорат трите опозициски пратенички за соработка со ГРОМ, сепак немаат доволно за да формираат пратеничка група - за тоа се потребни најмалку петмина пратеници.
Еден пратеник на изборите освои и НДП - Руфи Османи. Но, и тој си поднесе оставка на функцијата.
На страната на владејачкото мнозинство, пак, се 61 пратеник на ВМРО ДПМНЕ и 19 на ДУИ. Седум пратеници во законодавниот дом има ДПА, која најави дека ќе ги поддржува политиките на Владата, иако не е дел од владината коалиција.
Според експертите, позиционирањето на трите пратенички од опозицијата кои останаа во Парламентот ќе зависи и од ставот кој нивната матична партија ќе го заземе кон нив. СДСМ се уште очекува од Грчева и Буралиева и официјално да ја известат партијата дека го задржуваат мандатот, додека ЛДП веќе се изјасни дека нема механизам да ја исклучи Топузова-Каревска заради „непослушност“, но ќе се обиде да ја дистанцира.
Слично
