Како автопатот Кичево - Охрид: Новиот радар на Скопскиот аеродром се чека 13 години, М-НАВ уште враќа кредити
Веќе е мај, а рокот што М-НАВ го најави за новиот радарски систем на Скопскиот аеродром е јуни 2026 година. Стариот и неупотреблив радар беше демонтиран во декември 2025 година, по што требаше да следуваат градежни активности, поставување нова конструкција и инсталација на современ Мод S радар. Според тогашната динамика, новиот систем треба да влезе во оперативна употреба во јуни.
Проектот има долга историја. Модернизацијата на воздухопловната навигација, во која влегува и новата радарска опрема, се врзува со 2013 година, кога е склучен првичниот заем од ЕБОР за модернизација на системот. Тоа значи дека процесот трае веќе 13 години. Речиси ист временски хоризонт како автопатот Кичево - Охрид, уште еден државен проект што стана синоним за долги рокови, пролонгирања и чекање.
„Со цел намалување на финансиските потешкотии на М-НАВ АД Скопје, како последица на пандемијата со Ковид-19 којашто имаше директни импликации врз воздушниот сообраќај, Друштвото со цел рефинансирање и затворање на тековниот Договор за заем склучен со ЕБОР на 24.09.2013 година за финансирање на Проектот за модернизација на М-НАВ/набавка на напреден систем за воздухопловна навигација/ – без државна гаранција на износ од 11 150 000 евра, потпиша два нови договори: Договор за заем со ЕБОР во вкупен износ од 9 770 000 евра и Договор за долгорочен наменски кредит со Комерцијална банка АД Скопје во вкупен износ од 5 000 000 евра.“ се наведува во програмата што ја усвоила компанијата за оваа година.
Документите што редакцијата на Фактор ги обезбеди од „Македонска навигација“ покажуваат дека компанијата и во 2026 година има активни кредитни обврски кон ЕБОР и Комерцијална банка. Во инвестициската програма се наведува дека М-НАВ располага со средства обезбедени со заем од ЕБОР, како и со сопствени средства, а дел од финансиската конструкција е и кредит од Комерцијална банка.
Според прегледот на кредити, кај кредитот од ЕБОР преостанатиот долг изнесува околу 5,09 милиони евра, односно 312,75 милиони денари. Кај кредитот од Комерцијална банка преостанатиот долг е околу 1,14 милиони евра, односно 69,9 милиони денари.
Вкупно, М-НАВ има за враќање уште околу 6,22 милиони евра, односно 382,7 милиони денари. Досега, по двете кредитни линии се исплатени околу 4,64 милиони евра, или 285,6 милиони денари.
Инвестициската програма за 2026 година покажува дека акционерското друштво за контрола на летовите планира вкупни инвестиции од околу 9,05 милиони евра, односно 556,4 милиони денари, при што во документот се наведува: „М-НАВ АД Скопје со расположливите средства обезбедени со заем од ЕБОР, како и од сопствени средства и/или со поддршка од домашни и меѓународни институции, во 2026 година планира да реализира инвестициони вложувања во вкупен износ од 556 369 426 денари“. Во делот на инвестиции финансирани со заем од ЕБОР, како проекти се наведени „Набавка на нов АТМ Систем“, „VHF радио систем и микробранов линк“ и „Набавка, инсталација и пуштање во работа на нов Mode-S секундарен набљудувачки радар“, додека за овој дел е наведена вкупна вредност од 362.580.564 денари.

Последната конкретна јавна информација за физичките активности околу радарот е од декември 2025 година, кога М-НАВ информираше дека почнала демонтажата на стариот радар, а потоа и дека процесот е завршен. Од тогаш, клучниот рок останува јуни 2026 година.
По 13 години од првичната финансиска конструкција, по демонтиран стар радар и по милионски кредити што сè уште се враќаат, М-НАВ треба да покаже дали Скопскиот аеродром во јуни навистина ќе добие нов радарски систем.
Филип Костов
