Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како каматите ја изедоа добивката на „Жито Лукс“?

Како каматите ја изедоа добивката на „Жито Лукс“?

„Жито Лукс“ и покрај кастрењето на расходите и одржувањето на пазарната позиција 2016 година не успеа да ја заврши во позитива. Но не успеа да ги реши големите расходи за камати по кредитите. Лани само за камати плати околу 550.000 евра и тоа беше клучно годината да ја заврши со загуба од работењето

Од „Жито Лукс“ велат дека: „сепак, Жито Лукс работи со добивка, не земајќи ги во предвид дополнителните расходи кои не се дел од оперативното работење. Така, во 2016 година компанијата генерираше добивка од оперативното работење и по одземањето на финансиските расходи. Сепак, компанијата одговорно одлучува да направи исправка на застарени побарувања и обезвреднување на нетековни средства. Токму овие акумулирани трошоци кои се однесуваат на минати години, ја оптеретуваат добивката од работењето во 2016 година.“

„Жито Лукс“, најголемата скопска компанија за производство на леб и пецива минатата година ја заврши со загуба од 19 милиони денари (околу 315.000 евра), покажуваат финансиските резултати на таа компанија. Лани компанијата во услови на намалени приходи од продажба успеа да ја заврши годината со оперативна добивка од речиси 300.000 евра, но финансиските расходи на „Жито Лукс“ беа главниот причинител компанијата минатата година да ја заврши со загуба.

Жито Лукс, во остра конкурекција, генерира над милијарда денари од продажба

Компанијата лани успеа да ја одржи својата пазарна позиција. Податоците покажуваат дека приходите од продажба за лани изнесуваа 1,087 милијарди денари односно надминаа 17,6 милиони евра. Во споредба со 2015 година тие бележат пад од 6 отсто односно се пониски за околу 67 милиони денари над еден милион евра. Генератор на намалениот приход од продажби е падот на домашниот пазар. Тука компанијата изгубила 70 милиони денари во однос на 2015 година, а нејзината реализација изнесува 1,045 милијарди денари. На странски пазари „Жито Лукс“ пласирал производи во вредност од 41 милиони денари што е раст од 7 отсто во однос на претходната година. Трошоците на продадени производи и услуги лани се 715,9 милиони денари и се за 112 милиони денари пониски од трошоците направени во 2015 година. Споредбата на намалените приходи и скратените трошоци за производи и услуги покажува дека компанијата успеала солидно да интервенира кај трошоците затоа што нив ги намалила знајачно повеќе од тоа што паднале приходите од продажба. Бруто добивката на компанијата изнесува 370,86 милиони денари и е за 44 милиони денари поголема од 2015 година. Кај останатите расходни ставки речиси и нема значајни промени лани во однос на 2015 година, освен кај обезвреднувањето на тековни и нетековни средства и други расходи кои пораснале за 107 отсто во однос на 2015 година и достигнале 43,9 милиони денари. По одбивањето на трошоците за продажба и маркетинг и административните трошоци компанијата годината ја завршила со оперативна добивка од 18,1 милиони денари.

Финансиските расходи остануваат клучен проблем

Финансиските расходи за лани изнесуваат 36,2 милиони денари односно околу 600.000 евра. Иако се намалени за 11 отсто односно за 4,5 милиони денари во однос на 2015 година тие и лани се главниот генератор на загубата на „Жито Лукс“. Токму заради нив компанијата годината ја завршува со негатива од 19 милиони денари. Според паричниот тек компанијата за камати платила 33,54 милиони денари што е значајна сума и покрај тоа што е намалена за речиси 7 милиони денари во однос на 2015 година. Од паричниот тек може да се види дека „Жито Лукс“ лани вратил 520,3 милиони денари заеми, но истовремено се задолжил за 498,2 милиони денари.

Од билансот на состојба е видливо дека вкупните долгорочни и краткорочни кредитни обврски на компанијата на крајот на 2016 година се 408,4 милиони денари и во однос на претходната година се пониски за 22 милиони денари. Структурата на кредитите е следна: значајно е да се истакне дека е голема изложеноста по краткорочни кредитни позиции и таа е 346,2 милиони денари на крајот на 2016 година и е зголемена за 5 отсто во однос на 2015 година. Кај долгорочните кредити кои се значајно помала ставка компанијата ги намалила обврските за 37 отсто односно за околу 37 милиони денари во споредба со претходната година.

На крајот на 2016 година „Жито Лукс“ има акумулирана загуба од 27,6 милиони евра односно 1,7 милијарди денари.

Р.Ф

Слично

Поврзани вести