Како изработи „Триглав“ на македонскиот осигурителен пазар?
„Триглав осигурување„ е голем учесник на македонскиот осигурителен пазар. Лани неговото пазарно учество достигнало 18,18 милиони евра што е половина милион евра повеќе од претходната година. Иако има голем пад на профитот сепак е за 21 отсто подобар од големиот конкурент „Сава осигурување“
„Триглав Осигурување“ лани инкасирал нето приходи од премија во износ од 18,18 милиони евра и своето пазарно учество во однос на 2017 година го зголемил за половина милион евра на македонскиот осигурителен пазар, покажуваат официјалните податоци од извештајот на независната ревизија на работењето на „Триглав“ за лани.
Компанијата има значајно намалување на нето добивката лани во однос на 2017 година. Лани таа изнесувала 511.000 евра и е повеќе од преполовена во однос на претходната година кога била 1,38 милиони евра. И покрај тоа, во споредба со конкурентот „Сава осигурување“, „Триглав осигурување„ на македонскиот пазар има 21 отсто поголема добивка по оданочување.
„Триглав“ лани има бруто премија од 23,18 милиони евра и тоа е за речиси 2 милиони евра поголема бруто премија од 2017 година. За реосигурување компанијата лани платила 4,85 милиони евра или 1,2 милиони евра повеќе од 2017 година.
Значајно да се истакне, од другите приходи, значајни се приходите од камати. Тие лани биле 693.700 евра и покрај тоа што се за 100.000 евра помали од приходите од камати во 2017 година.
Вкупните расходи од работењето на „Триглав“ во земјава лани биле 19,21 милиони евра и се за 1,3 милиони евра поголеми од 2017 година. За бруто исплатените премии се издвоени 11,05 милиони евра што е 1,3 милиони евра повеќе од претходната година. Значајна расходна ставка се трошоците за вработените и бруто платите на лицата од внатрешната продажна мрежа. Вкупно за нив лани се платени 3,13 милиони евра. Вкупните нето трошоци за спроведување на осигурувањето лани биле 7,72 милиони евра и во однос на претходната година се повисоки за 660.000 евра.
Како лани работела „Сава осигурување“?
Лани „Сава осигурување“ имала приходи од нето полисирана премија во износ од 11,42 милиони евра. Бруто полисираната премија на „Сава“ лани на нашиот пазар има раст од 166.700 евра. Вкупните расходи од работењето на компанијата лани изнесуваат 11,77 милиони евра, во споредба со претходната година тие се пониски за 70.000 евра. Најзначајна ставка, очекувано, се исплатите на штети. Бруто исплатените штети лани биле на ниво од 6,18 милиони евра и тие се 860.000 евра пониски од исплатените штети во 2017 година. Износот на бруто плати кои компанијата лани ги исплатила е 1,58 милиони евра и тој е повисок за 23.770 евра од 2017 година.
Нето добивката на „Сава осигурување“ лани е 421.660 евра.
Р.Ф.