Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како изработи Прокредит банка лани?

Како изработи Прокредит банка лани?

Една од најголемите банки во конкуренцијата на средни банки лани имаше значаен раст на кредитното портфолио и на депозитната база , што е успех во средниот банкарски сегмент каде реално конкуренцијата е најголема. Добивката е пониска од 2017 година, а тоа во најголема мерка е резултат на значајно зголеменото ниво на резервации што пак е логичен резултат на кредитната експанзија

Прокредит банка лани затвори финансиска година со добивка од речиси 3 милиони евра, а тоа е послаб резултат од 2017 година за 1,8 милиони евра.  Нето приходите од камати се пониски за 1,6 милиони евра од 2017 година и лани биле на ниво од 9,93 милиони евра. Во структурата на каматите се гледа пад на вкупните приходи од камати и раст на расходите за камати и тоа за 10 отсто во однос на 2017 година. Лани тие биле на ниво од 4,3 милиони евра. 

Кај втората најзначајна приходна ставка банката книжи значајно зголемување. Тоа значи дека иако можеби има зголемување на тарифите за надоместоци и провизии банката успеала да привлече поголеми средства и веројатно имала и повеќе клиенти. Нето приходите од провизии и надоместоци достигнале 3,76 милиони евра и во споредба со претходната година се поголеми за речиси половина милион евра што е солиден раст. Особено ако се стави во контекст на тоа дека Прокредит банка е на мегдан со уште 6 конкурентни банки во сегментот на банки со средна големина на нашиот банкарски пазар.

Многу значајно за акционерите сигурно ќе биде тоа што банката значајно ја зголемила својата кредитна активност и тоа во најконкурентната банкарска група. Кредитното портфолио на банката на крај на 2018 година е 326,4 милиони евра и е поголемо за повеќе од 10 отсто од состојбата во 2017 година. Или поточно за 39,5 милиони евра повеќе. Заради тоа и резервациите за средства за кредитите се зголемени значајно во однос на претходната година и изнесуваат 2,23 милиони евра односно 1,31 милиони евра повеќе од 2017 година. 
Значајно е да се истакне дека банката овој раст на кредитирање го оствариле со намалени трошоци за вработените за речиси половина милион евра. Тоа значи дека банката веројатно го намалила бројот на вработени, но својот персонал за сметка на тоа го мотивирала подобро. За нив лани платила 3,55 милиони евра.

Важно да се истакне е и тоа што лани Прокредит ги стимулирала своите депонентни и штедачи. Имено на крај на 2018 година нивото на заштеди и депозити достигнало 308,5 милиони евра и е за 59,1 милиони евра поголемо од претходната година.

За тоа како котира Прокредит во острата конкуренција на средноголеми банки ќе доловиме со презентација на следниве факти достапни на сајтот на централната банка: вкупниот профит на овие банки лани бил 5 милиони евра, а Прокредит во тоа учествува со 2,96 милиони евра. Нето приходите од камати на оваа група од 7 банки во кумулатив се 47 милиони евра, а во тоа Прокредит учествува со 9,93 милиони евра.


Р.Ф.

Слично

Поврзани вести