Како „Гранит“ направи профит од 5 милиони евра?
Половина од добивката на „Гранит“ нема никаква врска со дејноста на фирмата. Капиталната добивка направена како разлика од куповната и пазарната цена на акциите на „Комерцијална банка“ што ги поседува „Гранит“ изнесува 2,38 милиони евра, а добивката од оперативното работење е 1,8 милиони евра.
Најголемата градежна компанија нема година за паметење. Финансиските резултати покажуваат пад на приходите од продажба, доминантна компонента е продажбата на домашниот пазар, а и таа бележи пад 10,8 отсто. Оперативната добивка бележи пад од 21 отсто во споредба со 2017 година, Единствена светла точка се акциите што „Гранит“ ги купи пролетта лани во „Комерцијална банка“. Нивната вредност значајно порасна и со тој резултат компанијата дојде до ниво на профит од 5 милиони евра. Сепак нето профитот е 29 отсто помал од претходната година.
Приходот од продажба лани изнесува 57,3 милиони евра и е помал за 11,06
милиони евра од претходната година. Доминира домашната продажба со 55,3 милиони
евра. Ова покажува дека „Гранит“ лани имал многу мали приходи од продажба
надвор. А тоа не е добра вест за конкурентноста на компанијата и за
акционерите. Сепак годинава дојде позитивна вест затоа што компанијата склучи
договор за изградба на патен правец во регионов и договорот вреди повеќе од 60
милиони евра.
Вкупните оперативни приходи лани се 63,7 милиони евра и тие се за 14 отсто
пониски од претходната година. Оперативните расходи на компанијата за истиот
период изнесуваат 62,2 милиони евра и тие се пониски за 14 отсто. Сите значајни
параметри покажуваат дека „Гранит“ лани работел со намален капацитет, а бил
свртен исклучиво на домашниот пазар. Значаен показател дека нашата национална
економија треба да стимулира и дека резултатите не се добри. Затоа што
градежништвото теоретски гледано влијае на повеќе од 10 други стопански гранки.
На градежниот сектор му треба импулс.
Оперативната добивка лани е 1,84 милиони евра и е 21 отсто помала од остварената во 2017 година. Значаен стимул за нето добивката дала позитивната разлика меѓу финасиските приходи и финансиските расходи на „Гранит“. Тие донеле нето резултат од 714.000 евра кои се вградени во добивката од редовно работење. И таа е за 28 отсто пониска од остварената во 2017 година.
И тука на сцена стапува капиталната добивка од акциите на „Комерцијална банка“. Нивната пазарна цена е за 2,38 милиони евра повисока од набавната вредност. Само благодарејќи на тоа „Гранит“ остварил добивка која е речиси 5 милиони евра. Но тие пари акционерите нема да ги видат. Тие се само „шминка“ во сметководствената евиденција на компанијата. Реалноста е дека „Гранит“ лани зема кредит од околу 7 милиони евра и ги купи тие акции. Сега книжи добивка, а реално плаќа камата на кредитот. Станува збор за 4,9 отсто од сите акции со право на глас. Некаде околу 100.000 акции.
Од билансот на состојба на „Гранит“ е многу важно да се истакне дека тековните средства на компанијата лани биле за 11 милиони евра помали од претходната година и изнесуваат 101,9 милиони евра. Тековните обврски имаат ист тренд. Тие се намалени за 8,75 милиони евра и изнесуваат 75 милиони евра. Влогот во акции на „Комерцијална банка“ вреди пазарно 9,3 милиони евра.
Р.Ф.