Економија, финансии, бизнис

Контакт

КАКО ГОЛЕМ ИГРАЧ ОД НАФТЕНИОТ БИЗНИС ЌЕ ПРАВИ „ЗЕЛЕНА“ СТРУЈА - Со соларната Централа во Кожани, Грција ќе ги задоволи потребите на 75.000 домаќинства

КАКО ГОЛЕМ ИГРАЧ ОД НАФТЕНИОТ БИЗНИС ЌЕ ПРАВИ „ЗЕЛЕНА“ СТРУЈА - Со соларната Централа во Кожани, Грција ќе ги задоволи потребите на 75.000 домаќинства

Енергетската криза го тресе светот, цените секојдневно пробиваат плафони, а државите се во постојана битка како да ги обезбедат неопходните енергенси за своите граѓани. Оние што навреме се зафатија со инвестиции во овој обемен сектор, сега ќе ги берат плодовите од направените вложувања. Транзицијата кон зелена и чиста енергија секако дека ќе има голема предност, впрочем, тоа е иднината на големите енергетски играчи.

Не така далеку од нас, во Грција, во местото Кожани, се држат лекции како се создаваат големи енергетски проекти. Компанија која долг период наназад се занимава со нафтениот бизнис, сега влегува во производство на соларна енергија, инвестирајќи во сиоларна централа која ќе кои ќе испорачува и евтина, односно конкурентна, но во исто време и зелена, еколошки чиста енергија.

Неодамна стартуваше со работа соларната електроцентрала на Групацијата HELLENIC PETROLEUM, токму во Кожани, а во компанијата се горди што создале еден вака значаен проект во новата енергетска ера, кој, како што велат, ја сигнализира брзата транзиција на Групацијата во нови, „почисти“ енергетски форми.

Или, изразено низ бројки струјата што ќе излегува од Централата во Кожани ќе чини само 57,72 евра за MWh, што изгледа импозантно во споредба со оние 200 евра кои за струјата сега се бараат на пазарот.

Во моментов ова е најголемиот проект за обновливи извори на енергија што е во функција во Грција и во поширокиот регион на Југоисточниот Медитеран, како и една од најголемите фотоволтаични централи во Европа, со вкупна инсталирана моќност од 204,3 MW.

Проценките говорат дека ќе произведува 350 GWh енергија годишно, задоволувајќи ги потребите на 75.000 домаќинства, и тоа преку енергија со нула емисии.

Вкупната инвестиција тежи 130 милиони евра, а во Хеленик очекуваат ова вложување да се врати за период од шест до седум години.

Изградбата на соларната електроцентрала, која е најголема во Европа користејќи бифацијални фотоволтаични панели, базирана на најсовремени системи за автоматско следење и управување со енергијата, беше завршена во предвидениот рок, и покрај тешкотиите предизвикани од пандемијата. JUWI е назначен како изведувач на проектот, додека на подружницата на Хеленик Групацијата, ΑSPROFOS, и е доделен надзор на проектот за развивање експертиза во новиот сектор, целосно во согласност со стратегијата на Групацијата.

Група новинари од балканските држави имаа можност „на лице место“ да се запознаат со овој енергетски проект, дознавајќи ги од првите оперативни менаџери сите поединости за него - од идејата зошто да се изгради и како да се избере локалцијата, големината на вложувањата, па до сите нејзини перформанси, капацитет и предности. 


Всушност, ние можеме да се пофалиме дека бевме меѓу првите гости на Централата, по грчкиот владин врв предводен од премиерот Киријакос Мицотакис.

Сотирис Капелос, Директор за развој и операции во Групација Хеленик Петролеум, вели дека има историски причини зошто е одлучено да се користи оваа локација.

„Прво, тоа што е далеку од урбаните средини и е многу блиску до трафостаницата што ја видовме кога доаѓавме овде, бидејќи таа трафостаница е на супер-висок напон и се наоѓа на 14 километри. Предноста е што е далеку од постројките за лигнит што произведуваат честички, кои би можеле негативно да влијаат на панелите, бидејќи би можеле да се задржат, да направат талог на панелите и да создадат проблеми во производството на фотоволтаичната централа“, објаснува Капелос, човекот за кого имате впечаток како да е соживеан со централата.

Инсталираната моќност на централата е 204 MW. Се состои од 18 специфични помали централи кои се приклучени на заедничката трафостаница и секоја од централите има моќност од 5 до 14 MW, па ако ги собереме сите овие централи, доаѓаме до 204 MW, колку што е вкупната инсталирана моќност на централата.

Едно од новинарските прашања беше за кого ќе биде наменета електричната енергија што ќе се произведува во Централата во Кожани.

„Струјата оди во системот и потоа оди во преносниот систем на Грција и ќе може да ја троши секој што е поврзан. Ова не е централа чиешто производство на електрична енергијае наменето за специфична употреба, туку е поврзана и оди во системот. Бидејќи постојат самостојни централи, кои, да речеме во иднина, би можеле да се користат за производство на водород, кои произведуваат електрична енергија која ќе се користи исклучиво за производство на водород, но тука не е така - произведената енергија оди во системот и тогаш сите потрошувачи можат да ја трошат електричната енергија што се произведува“, потенцира Капелос.

Цената за секој производ е клучното прашање, и тоа е она што ќе ве воодушеви кога ги добивате информациите за централата.

„Учествувавме на наддавањето и добивме цена од 57,72 евра за MWh, така што оваа цена овие денови е многу ниска во однос на 200 евра за MWh, што е минимумот како резултат на кризата. И пред кризата, овој трошок, оваа цена беше, би рекол еднаква на големопродажната цена... Не беше повисока од цената на струјата од термо блоковите. Значи цената е многу зелена и многу конкурентна“, посочува директорот за развој и операции Капелос.

Новинарите се интересираа и колку сончеви денови има на таа локација во Кожани, или практично, ќе има ли доволно сонце за да се произведува струјата. Тој ни објасни една многу интересна работа, дека токму студеното време во комбинација со силното сонце, какво што беше токму кога ние бевме таму, се идеални за производство на електрична енергија.

„Тоа се 1.600 од 8.400 колку што се часови во целата година. Надморската височина тука е 1.050 метри, а добрата работа во врска со ова подрачје, т.е. локацијата што е избрана за централата е тоа што е студено, мислам, температурата е ниска, и има многу добро зрачење, така што ова е најдобрата комбинација за да може фотоволтаичната централа да произведе, да има максимална излезна моќност. Значи, ни треба ниска температура како сега, и имаме сонце што сјае, а исто така имаме студено време. Ова е идеално“, вели Капелос.

Изградбата на централата почнала во ноември 2020 година, а заврши во декември 2021 година, така што биле потребни 16 месеци за да се заврши. Од јануари годинава, пак, се работи на трафостаницата и на приклучокот. Се очекува деновиве секоја од централите веќе да биде ставена во употреба. Во екот на изградбата биле ангажирани околу 400 вработени, но за време на работењето бројот на ангажираните работници што ќе биде потребен ќе изнесува околу 20.


Една од предностите на централата е и таа што има двострани панели. Во Европа има и други такви, но оваа во Кожани е најголемата во цела Европа со двострани панели.

Капелос многу прецизно објаснува која е разликата.

„Како што можете да видите, панелите се проѕирни...Задната страна на панелите е проѕирна. Кај едностраните панели, кои се најчесто користени, тие не се проѕирни. Задната страна е пластична, не се гледа низ панелот. Значи, задната страна на панелите може да произведе, според производителите, до 70 отсто од номиналната вредност на моќноста на нејзиниот панел. Добро, ова е експериментално и теоретски... во пракса, според студијата што ја направивме може да произведе 5 отсто дополнителна енергија од задната страна на панелот. Значи, панелот е 410 W, а задниот дел може да додаде 5 отсто дополнителна моќност како излезна моќност на секој панел. Значи, вкупната централа може да произведе максимум 204 плус 5 отсто максимум“, нагласува директорот за развој и операции во Хеленик.

Инаку, Централата во Кожани е изградена на јавно земјиште. Претходно, од Хеленик ги направиле сите еколошки студии и немале никакви негативни реакции од населението.

„Всушност имавме многу добар однос, секако дека сме блиски со соседните заедници и даваме спонзорства и нудиме да помогнеме каде можеме во секој аспект од нивниот живот“, објаснува Капелос.

Оваа централа многу ќе им помогне на Хеленик да го унапредат својот имиџ, па иако се нафтена компанија, сега стануваат се повеќе зелени.

Сотирис Анастасиадис, директор за корпоративни комуникации во Групацијата Хеленик Петролеум, вели дека компанијата минатата година одлучила да продолжи напред кон „Визија 2025“, т.е. кон планот за стратешка трансформација на потребите на новата ера.

„Мора да станеме ‘позелени’, мора да се трансформираме од нафтена компанија во енергетска компанија, преку големи инвестиции во обновливи извори на енергија. Како што можете да видите, ова е првиот голем почетен проект со 204 MW. Нашата цел е да имаме 1GW во 2026 година и 2GW во 2030 година, така што за нас оваа потреба од промена е апсолутно неопходна ако сакаме да бидеме тука не само за 10 години од сега, туку за 60 или 70 години“, објаснува Анастасиадис.

Всушност, целта на компанијата е да бидат одговорна, одржлива компанија, но и да обезбедат загарантирана иднина, која во спротивно би била неизвесна.

Како што на отворањето на централата изјави извршниот директор на Групацијата Хеленик Петролеум, Андреас Сиамисис, овој проект ја покажува нивната одлука и посветеност да одговорат на новата ера на предизвици.

„Поставивме стратешки приоритет за создавање на ХЕЛПЕ на следните децении, надминувајќи го секој отпор кон промени, типичен за големите организации со долга и успешна историја. Наша цел е да станеме поинтегрирана Групација која произведува и тргува со сите модерни форми на енергија, преземајќи водечка улога и придонесувајќи кон патот на растот на регионот. Во согласност со нашиот стратешки план ‘Визија 2025’, во Групацијата Хеленик Петролеум, спроведуваме голема инвестициска програма, чија цел е намалување за 50 отсто од нашиот јаглероден отпечаток до 2030 година, што значително ќе придонесе за справување со климатската криза“, рече Сиамисис.  

Уште при мојата посета на Грција објавив фејсбук стори со кусо видео од Централата, а многумина од земјава, бизнисмени и претприемчиви млади луѓе, се интересираа за повеќе детали за проектот. Се надевам дека овој текст ќе им помогне во нивните идеи и истражувања.

Од Кожани, Грција

Нина Нинеска-Фиданоска

Слично

Поврзани вести