Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како „Фершпед“ се враќа во игра?

Како „Фершпед“ се враќа во игра?

„Фершпед“ за прв пат по неколку години има поголеми финансиски приходи од финансиски расходи. Кредитните обврски се намалени за околу 2 милиони евра, приходите од продажба зголемени за 2,2 милиони евра, а добивката за пола година е речиси 1,3 милиони евра

Најголемата домашна шпедитерска куќа по подолг период бележи солидни разултати од своето оперативно работење. Акционерите ќе ги израдува фактот што „Фершпед“ ги зголемува своите приходи, има навистина завиден раст на оперативната добивка и на нето добивката. Но можеби најважно е тоа што шпедитерската куќа ги намалува своите обврски по кредити, а веќе има позитивен скор на соодносот меѓу финансиските приходи и финансиските расходи. Од достапните податоци од полугодишниот неконсолидиран финансиски извештај се гледа дека „Фершпед“ не само што најавува туку веќе се враќа во конкуренција.

Приходите од продажба за половина година достигнаа 26,81 милиони евра и најголем дел се од домашниот пазар на шпедитерски услуги. Во споредба со првото полугодие лани приходите на „Фершпед“ пораснаа за 2,2 милиони евра. Солиден раст бележат приходите од домашен пазар. Тие од јануари до крајот на јуни изнесуваат 25,9 милиони евра и во споредба со истиот период лани пораснале за 13 отсто. Оперативните расходи на „Фершпед“ го следат растот на оперативните приходи. Тие достигнале 25,68 милиони евра и се повисоки за 1,44 милиони евра. Сепак на нето основа растот на приходите од продажба е поголем од растот на оперативните расходи за речиси 800.000 евра. Или поточно оперативната добивка на компанијата како резултат на подоброто работење бележи раст од 717.000 евра и достигна износ од 1,21 милиони евра.

Што е многу важно?

Финансиските приходи на „Фершпед“ се поголеми од неговите финансиски расходи и тоа е  пресврт во нивното работење што се случува по неколку години. Имено, во првото полугодие „Фершпед“ има позитивен скор од соодносот на финансиски приходи и финансиски расходи и тој изнесува 67.000 евра. Неговите финансиски приходи изнесуваат 142.300 евра. Неговите финансиски расходи кои се резултат на каматите за кредити (во најголема мерка) изнесуваат 75.440 евра и се за 39 отсто пониски од расходите што по овој основ компанијата ги имаше во истиот период лани. Овој скор заедно со оперативната добивка произведе нето добивка од 1,28 милиони евра за половина година. Таа во споредба со лани е повисока за 826.400 евра.

Од билансот на состојба се гледа дека „Фершпед“ ги намалил обврските за речиси 2 милиони евра до 30 јуни годинава. Тие на крај на полугодие изнесуваат 10,5 милиони евра. Од тоа најголемо намалување има кај долгорочните обврски по кредити кои се преполовени и се донесени на ниво од 1,52 милиони евра и се на намалени за 1,48 милиони евра во однос на истиот период лани. Кај краткорочните обврски на крај на јуни износот е 1,84 милиони евра и тие се пониски за половина милион евра во однос на истиот период лани. Намалување има и кај останатите краткорочни обврски. Зголемување на обврските има единствено кај тие кон добавувачите и тоа за 367.000 евра односно за 7 отсто во однос на истиот период лани.


Р.Ф.

Слично

Поврзани вести