Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како „Фершпед“ раздолжи 2,8 милиони евра?

Како „Фершпед“ раздолжи 2,8 милиони евра?
„Фершпед“ успеа да одржи континуитет во кастрење на долговите. Во првите шест месеци годинава компанија по два основи намалила долгови за 250 милиони денари, а повишила краткорочна должничка позиција на 84 милиони денари. Сума сумарум долгот е скратен за речиси 2,8 милиони евра во споредба со лани и тоа не е мала работа

Најголемата македонска шпедиција „Фершпед“ во првата половина од годинава успеала да ги намали своите обврски спрема кредитори и доверители за повеќе од 167 милиони денари (околу 2,8 милиони евра), покажуваат официјалните податоци од неконсолидираните финансиските извештаи на таа компанија и тоа е најважната вест за инвеститорите за првите два квартала годинава.

Вкупните обврски на „Фершпед“ на крајот на јуни годинава изнесуваат 769,9 милиони денари и во споредба со лани тие се пониски за 18 отсто. Од дадените податоци може да се заклучи дека менаџментот на „Фершпед“ во континуитет максимално се фокусира на намалување на обврските на компанијата досега има успех во тоа.

Единствено што мора да се истакне дека во билансот на успех е видлив значаен раст на краторочните кредитни обврски за 84 милиони денари во споредба со лани. Но тоа е неутрализирано зашто кај други две ставки : долгорочни обврски и останати краткорочни обврски компанијата бележи намалување на долговите за 250 милиони денари во споредба со истиот период лани.

Растат приходите од продажба, но добивката паѓа

Позитивни вести има во билансот на успех, но тие засега не можат да ги зарадуваат имателите на акции во „Фершпед“. Имено приходите од продажба на компанијата пораснаа за 13 отсто до ниво од 1,52 милијарди денари. Растот на приходите во споредба со истиот период лани е за 3 милиони евра! Тоа е солиден показател за трендот во кој „Фершпед“ ја враќа својата поранешна пазарна позиција. Но, растат значајно и оперативните расходи на компанијата.  Тие достигнаа ниво од 1,49 милијарди денари со раст од 11 отсто. Факт е и тоа дека  приходите пораснале малку повеќе од расходите на компанијата во овој период. 

Добивката на „Фершпед“ за половина година е 26,6 милиони денари и таа се за 20 отсто пониска од лани. Веројатно улога во ова има значајното намалување на финансиските приходи во споредба со лани. Тие се пониски за 59 отсто и изнесуваат 5,2 милиони денари. Значаен пад има и кај финансиските расходи што може да е позитивен резултат од раздолжувањето. Така финансискиот расход изнесува 7,65 милиони денари и е за 28 отсто понизок од тоа што било платено во истиот период лани. 

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести