Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како ЕСМ за девет месеци дојде до загуба од 90 милиони евра?

Како ЕСМ за девет месеци дојде до загуба од 90 милиони евра?

АД ЕСМ, најголемиот производител на електрична енергија во земјата, и во третиот квартал во 2025 нанижа негативен резултат. Во новата евиденција на Министерството за финансии за резултатите од работењето на националните јавни претпријатија и акционерски друштва за третото тримесечје од минатата година, Електраните имаат загуба од 14,4 милиони евра

Ако нешто е за утеха, тоа е дека минусот е најмал од сите три квартали од 2025. ЕСМ во вториот направи голема загуба од 32 милиони евра, а во првиот од ланската година имаше „дупка“ од 45 милиони евра  По првите девет месеци од работењето во 2025, ЕСМ, кој во меѓувреме неколку пати се задолжи кај домашните приватни банки, има загуби од околу 90 милини евра.  

Евиденцијата покажува дека дури седум квартали по ред ЕСМ работи со значителен негативен резултат кај сите од нив. Инаку друштвото ја заврши претходната 2024 година со загуба од 123 милиони евра.

Најверјатно загубата за 2025 се очекува да биде помала, откако генералниот директор Лазо Узунчев во емисијата „Топ Тема“ пред два дена прогнозираше дека таа ќе биде околу 100 милиони евра. Првиот човек на ЕСМ рече дека самата набавка на електрична енергија, која не е произведена, чинела над 100 милиони евра и дека потфрлен е годишниот план за производство на струја. Наведе дека ќе треба време за консолидирање на претпријатието и дека од 2027 очекува да работи со добивка. 

- Ние и да побараме финансиска помош (од државата), нема да ни биде дадена. Тоа ни е кажано уште од стартот. Тие само ги кажуваат нивните очекувања. Ние сме тие што треба да направиме целосна оптимизација на работните процеси, да направиме намалување на оперативните трошоци и конечно да ја изведеме компанијата на здрав финансиски план, истакна Узунчев.

Како споредба, втор најслаб резултат во третиот квартал на списокоот кај Министерството за финансии има АД Железници - Транспорт со загуба од 55 милиони денари (околи 900.000), што во споредба со оној на ЕСМ изгледа незначителен.

Засегнати страни веќе реагираа дека задолжувањето на ЕСМ кај приватни банки и наталожувањето на обврските може да доведе до барање за стечај на оваа државна компанија од стратешко значење, но од раководството е категорично демантирано дека може да дојде до такво нешто.

А.К.

Слично

Поврзани вести