Економија, финансии, бизнис

Контакт

Како „екстерното“ ќе ја оцени уметноста?!

Како „екстерното“ ќе ја оцени уметноста?!
Идејата на Министерството за образование и наука за воведување на два државни испити за студентите во втора и четврта година, не престанува да ги бранува реакциите на дел од академската заедница. Професорот од Факултетот за драмски уметности, Небојша Вилиќ, за Фактор вели дека уште во самата најава на реформата се почнува од крајот, од површината, без при тоа да се навлезе во почетните, основните, а оттука и суштинските слоеви на истата. Тој не верува дека има технички и реални можности овој евентуален предлог да биде реализиран, поради неоправданата доверба на веќе постојните  механизми за проверка и оценување на квалитетот кој го продуцираат високообразовните институции. „Вакви можности Министерството треба да обезбеди за веќе донесените реформи, а тие се сериозно структурно сложени, пред воопшто да размислува за воведување на нови и други реформски зафати. Потпишаната Болоњска декларација не е само чин на прифаќање на или покажување подготвеност за системски реформи, туку и едновремена одговорност и, од неa произлезената, обврска истите да се организираат, спроведат и финансираат. Министерството не може да настојува на воведувањето на Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС), а без при тоа да пресмета, на пример, колку тоа ќе чини, бидејќи, самото воведување, доколку е воопшто нужно, подразбира дека треба да се обезбедат не само технички и реални можности, туку и многу повеќе“ - вели професорот Вилиќ. Дополнително додава, надлежните треба да размислуваат и за финансиските последици  кои ги носи секоја нова идеја. Досега, според професор Вилиќ беа спектакуларно најавени проекти кои треба да го подобрат и олеснат пристапот до информации, артикулирањето на знаење и можноста за истражување, но ни тие до крај не успејаа да ја задржат, одржат и оправдаат првично најавената цел.
„Министерството инвестираше во опремувањето на лабораториите на повеќе факултети и тоа е многу добро, но сега тие лаборатории треба постојано или тековно да се финансираат, бидејќи со набавената опрема се прават понатамошни истражувања кои бараат или трошат повеќе финансиски средства. Што ако Факултетот за драмски уметности доби опрема (и тоа извонредно квалитетна) за наставата по предметните програми: филмска и ТВ монтажа,филмско и ТВ снимање, на пример, кога опремата, во изминатиов период, почнува веќе и да застарува? Што е со трошоците за изведувањето на тековните продукциски трошоци,без кои таа опрема не може во целост да се употреби или да се употреби онака како што може да се употреби? Што ако проектот ’Преведување на 1 000 стручни и научни книги…‘ се остварува со невидена брзина и обем, кога книгите се 90% неупотребливи заради катастрофално лошиот превод.За неточната, невоедначената и неусогласената транскрипција на имињата не станува збор“ - потенцира проф. Вилиќ.
Реформите  според него, се прават само за да се прават, но не и да се направат, не и да се завршат, односно ефектуираат со конечен резултат. Честите измени и дополнувања на Законот за високо образование го докажуваат тоа. Од друга страна, во високото образование остануваат нерешени суштински и посложени аспекти на финансирањето, како предуслов за технички и реални можности овој цел систем, овој цел структурен зафат да се спроведе до крај, како што треба. Еден пример, апострофира, е проблемот со финансии за вработување на нови наставници, кога во пензија заминуваат постарите колеги. Екстерна евалвација! Точно е тоа, вели професорот Небојша Вилиќ дека појдовната девиза на учењето, воопшто, е repetitio est mater studiorum, односно, дека за полагањето на испитите студентите ќе мораат повторно да седнат и, ако не друго, тогаш барем да се потсетат на материјалот учен пред две години. И во оваа смисла, додава, повторувањето е добро, тоа веќе добива и има некоја смисла. Но, парадоксот на овој начин на вреднување, според него е што квалитетот и знаењето ќе се мерат само со базични познати прашања кои треба да ги убедат надлежните дека студентот барем ја „пролистал книгата“.
„Парадоксот на овој начин на вреднување или како што го велат – евалуација, а би требало, според правописот на македонскиот литературен јазик, евалвација, е токму во спротивставувањето на структурата на оценувањето а оценувањето е вреднување во ЕКТС. Според овој систем во проверката и оценката на знаењата на колегата-студент влегуваат тековни активности кои ги изработува во текот на семестарот и завршно оценување кое во зависност од одлуката на наставникот се врши писмено или усно, со сооднос, на пример, 70-30%, и токму нивниот збир ја одредува конечната оценка. Како тогаш, без разлика и да се испрограмира и најсофистицираниот софтвер со 2 милијарди прашања, ќе се внесат 70% поени кои колегата-студент ги добил заради неговите тековни активности? Конечно, проверката, вреднувањето како веродостојност на акумулирањето знаење на студентот дополнително или посредно зафаќа во проверката на вреднувањето и на наставникот. И тука настанува загрозувањето на автономијата на наставникот, а оттука и автономноста на универзитетот како установа на знаењето“ - потенцира проф. Вилиќ.
Со овој проблем, според него, се соочуваат не само студиите на Факултетот за драмски уметности, туку и сите уметнички факултети. Оттука, останува нејасно како да се оценат вештините на студентите после две години, кога токму во тие две години што практично значи дека поминале четири пати низ процесот на оценување, согласно поделбата на семестри, а не на студиски години, тие, во меѓувреме, имаат акумулирано огромно искуство, но и дополнителни специфични вештини. Едноставно, вели, не може сè да се мериторизира, нормативизира и страндардизира бидејќи за да правите реформи според барањата на пазарот на трудот потребно е прво да се развие пазарот, а потоа да реформирате согласно потребите на пазарот.
„Како и која е таа комисија која ќе може да каже дали и колку тие умеат или знаат кога во овие области, што се однесува до пазарот на трудот, умеењата и вештините се подобруваат само низ долгогодишната работа по завршувањето на првиот циклус на студии? Односно, и тука е целата парадоксалност доведена до апсурд: државата тогаш ќе мора да уреди и да финансира цела една друга инфраструктура, во случајов, на сценските уметности: театри, драмски писатели, режисери, алтернативни форми на сценско делување за да го создаде и обезбеди пазарот за драмски актери, режисери, драмски писатели, костимографи... за знаењето и умешностите да дојдат во ситуација и состојба за пазарно вреднување“ - вели проф. Вилиќ.
Унифицирано знаење кое лесно се пребројува! Идејата за екстерна евалвација или како што професорот ја нарекува надворешно вреднување на знаењата и умешностите и вештините на студентите е само инструмент на општеството за нормирање  и стандардизација. Нормативното “насилство” на овој и ваков систем, додава, е неговата вистинска функција, знаењето да се унифицира за да може да се „преброи“ и како преброено да се вреднува како повторливост на светот, а не знаењето да се ефектуира во сопствена еволутивност и збогатување на спознајноста на истиот тој свет.
„Често слушаме дека бизнисмените се жалат дека не доаѓаат доволно оспособени кадри од универзитетот и дека државата мора да го обезбеди тој квалитет, односно, државата им угодува на истите тие бизнисмени. Во оваа смисла е честото мислење, а постoи и исказ, дека: електро-инженер не знае да смени сијалица! Па, да, тој не знае да смени сијалица, бидејќи за менување сијалица се вика електро-техничар, а не инженер. Инженерот е тука да произведува проекти, а не да ги спроведува. Сè ова само укажува дека не се разбира  суштината на високото образование на факултетот не се учи туку се проучува! Поточно, и тоа е една од суштинските  Лисманови поенти: ние, со ваквите реформи, се наоѓаме во една фаза во која од универзитет за оформување на автономнo знаење, преоѓаме во универзитет за квалификување за пазарни вештини: услужни, комуникациски и употребни“ – констатира проф. Вилиќ.
Нејасно е, резимира универзитетскиот професор, што има државата да проверува онаму каде секој се запишува добороволно, односно, кaде доброволно се одлучува колку ќе се знае? С.Б.
Слично

Поврзани вести