Економија, финансии, бизнис

Контакт

(Обновено) Како експлодира добивката на „Комерцијална банка“?

(Обновено) Како експлодира добивката на „Комерцијална банка“?

Акционерите на „Комерцијална банка“ добија блага вест. Добивката за три месеци надмина 15 милиони евра! Во најголема мерка тоа е резултат на две работи: раст на останати приходи (веројатна продажба на заложен имот) и ослободување на резервирани средства (веројатно во најголема мерка заради рестартот на „Фени“. Но, да не заборавиме: нето приходот од камати падна за 1 милион евра, кредитирањето е помало за 25 милиони евра и депозитите се намалени за 11,5 милиони евра во однос на состојбата на крајот на 2017 година

„Комерцијална банка“ оствари добивка од 15,64 милиони евра за три месеци, што е извонреден резултат во споредба со претходната година кога за првото полугодие добивката била 39 милиони денари односно околу 650.000 евра, покажуваат официјалните резултати што ги објави банката.

Податоците од билансот покажуваат дека енормната разлика што ја направи, една од најголемите две банки, во својот квартален биланс на успех е резултат на ослободувањето на резервациите во врска со разрешницата на „Фени“ и  огромниот раст на ставката останати приходи од дејноста за првите три месеци годинава.

Имено, „Комерцијална банка“ во овој период ослободила 271,7 милиони денари резервации, а во истиот период резервирала 606,6 милиони денари заради ризични пласмани. Оваа ставка е втора по значење, од аспект на сумата, во креирањето на радосната квартална вест за акционерите на оваа банка. Другата ставка која според сумата е најважна е растот на останатите приходи од дејноста. Имено тука банката за првите три месеци остварила приход од 517,3 милиони денари и тоа е за 415 милиони денари повеќе од реализацијата за истиот период лани.

Нето приходот од камати падна за 1 милион евра!

Податоците покажуваат дека главната приходна ставка на банката за првите три емсеци книжи 667,1 милиони денари односно 61,3 милиони денари помалку од истиот период лани. Тоа е пад на нето приходите од камати за 8,4 отсто во споредба со 2017 година. Кај втората приходна ставка „Комерцијална банка“ успеала да одржи статус кво ситуација. Имено тука нето приходот од провизии и надоместоци е 200,4 милиони денари, а бил речиси идентичен и лани.

Загубата заради оштетување нефинансиски средства поголема 22 пати!

Огромен раст, и простор за воздржаност на акционерите, прави податокот за огромниот раст на загубата настаната поради оштетување на нефинансиски средства. Поточно, за првите три месеци оваа банка по овој основ книжи трошок од 367,3 милиони денари. А лани во истиот период по овој основ загубата била само 16,8 милиони денари.

Депозитите паднале за 700 милиони денари, кредитирањето намалено за 1,59 милијарди денари

Билансот на состојба покажува дека банката го намалува кредитирањето за првите три месеци, а тоа е проследено со падот на депозитната база на коминтентите (со исклучок на банките). Кредитирањето на крајот на март годинава бележи ниво од 43,78 милијарди денари и тоа е за 1,587 милијарди денари помалку од состојбата на крајот на 2017 година. Слична тенденција со помал интензитет има кај депозитите. Тие на крајот на март годинава се помали за 700 милиони денари во споредба со лани и се на ниво од 90,527 милиони денари.

Текстот е обновен во делот на споредба на податоците од Билансот на состојба кои се однесуваат на состојбата на кредити и на депозити на останати коминенти. Имено сите податоци кои се дадени за периодот од 1јануари до 31 март 2018 година се споредуваат податоците од 31 декември 2017 година. Претходно објавената споредба со првиот квартал лани е технички и ненамерен пропуст. 

Слично

Поврзани вести