Како до повеќе претприемачи: Стопанска комора нуди пакет препораки
Да се отстранат бариерите за понатамошна либерализација на македонската економија, да се креира извозно ориентиран модел на раст, но и да се надминат недостатоците на обучена работна сила, се клучните препораки на Стопанската комора за да се поттикне претприемништвото во земјава. Денеска е светски ден на претприемачите, а од Комората велат дека треба и понатаму поинтензивно да се работи на надминување на постојните слабости во повеќе насоки.
„Потребно е да се создаде поволен деловен амбиент за стопанисување без пречки, креирање на соодветна регулаторна и финансиска рамка за водење бизнис во земјата, која ќе овозможи зголемување на стапката на „преживување“ на новооснованите компании, соодветна рамка за поддршка на растот на постојните компании, но истовремено и ќе влијае поттикнувачки на ширењето на претприемачкиот дух во земјата. Исто така треба да се креира екосистем за унапредување на иновативноста на компаниите, да се поддржи процесот на дигитална трансформација на македонските компании и користењето дигитални технологии за да се забрза нивниот раст, како и да се иновираат процесите, производите и услугите, со цел истите да се приспособат на новите генерации на потрошувачи, вели Билјана Пеева-Ѓуриќ в.д. извршен директор на Стопанската комора.

Дел од овие теми ќе се бидат во фокусот на Вториот светски конгрес на претприемачи, кој ќе се одржи во втората половина на октомври оваа година, а на кој согласно одлуката на Меѓународниот економски форум „Перспективи“, Македонија ќе биде земја домаќин. Визијата на конгресот е да прерасне во еден од најквалитетните деловни собири кои во континуитет ќе ја претставуваат платформата на стручна расправа на претставниците на деловната и академската заедница, државните институции и граѓански организации, за улогата и придонесот на претприемништвото во глобалниот развој.
Пеева- Ѓуриќ вели дека претприемачите се многу повеќе од само креатори на работни места и даночни обврзници, туку се учители, обучувачи, иноватори, креатори.
„Претприемачите обично не зборуваат за нивните „права“. Но, време е политичарите и службениците да бидат поактивни во тоа што нема да ги земаат нивните потреби здраво за готово и постојано да бидат централен дел од политичките процеси. Тие од владите очекуваат максимален ангажман во создавањето на претприемачки еко-систем кој треба да создаде олеснет пристап до финансирање, програми насочени кон потребите и целите на претприемачкиот развој, претприемачко образование, трансфер на знаење, истражување и развој, транспарентност на внатрешниот пазар кој ќе овозможи поттикнување на конкурентноста, пристап до претприемачката инфраструктура, како и поттикнување и поддршка на младите претприемачи на домашен терен поради стекнување соодветни услови за излез на меѓународните пазари, вели Пеева – Ѓуриќ.
Инаку минатата година, Асоцијацијата на Eвропските трговско-индустриски комори (Еурочемберс), по повод 60-годишнината од своето постоење до институциите на Европската унија поднесе „Декларација за претприемачки права“, која содржи 12 барања кои се однесуваат на предусловите за претприемачите и бизнисите во ЕУ, со цел истите да напредуваат, просперираат, а со тоа да се овозможи задржување на општествените вредности и стандарди. Во овој документ се собрани клучните препораки за спроведување реформи и мерки кои би требало да бидат иницирани и проследени на ниво на ЕУ во текот на законодавниот мандат 2019-2024 година, а се пред се во насока да се поттикнат стартап компаниите и да им се даде можност на милиони веќе воспоставени бизниси да растат и да се развиваат.
Најголем дел од укажувањата и препораките на Еурочемберс врзани за претприемачките права се во корелација со состојбите во македонското стопанство и мерките кои како што вели Пеева-Ѓуриќ, досега ги промовирала и Стопанската комора на Македонија до креаторите на економските политики.
