Како да се намалат загубите на МЖ Транспорт - Нови возови не се доволни
Нови возови, субвенционирани билети и обновени линии и МЖ Транспорт пак работи со загуба. Тоа е основен показател дека железничкиот сообраќај во Македонија е во голем пад во последните неколку години каде проблемите само се таложеа и се влошуваше состојбата како со инфраструктурата така и со намалување на бројот на патници. Владата вчера ги разгледуваше токму извештаите за работењето во првиот квартал од оваа година на ЈП МЖ Инфраструктура и на Македонски железници – Транспорт А.Д. – Скопје.
Посебна точка на седницата беше барањето на Македонски железници – Транспорт А.Д. Скопје, Владата да донесе одлука за доделување финансиска помош за ова акционерско друштво за подобрување на финансиската состојба и покривање на загубите до крајот на годината.
Заради високиот долг и загуби во работењето на МЖ Транспорт А.Д. – Скопје, Владата им препорача на Министерството за транспорт и врски и на Министерството за финансии, заедно со МЖ Транспорт А.Д. – Скопје да се изнајдат решение за трајно надминување на оваа состојба.
Инаку со бесплатните билети кои им следуваат на младите и студентите интересно е да се забележи дека токму во тие денови има голем број на патници. Младите еднаш или два пати во месецот ги следат возните редови за да ги испланираат своите патувања.Потенцијал секако, има но, пред владата и МЖ Транспорт ќе биде исправена доста тешка задача за брзо подобрување на состојбите и враќање на профитабилноста или барем намалување на загубите со цел да нема нови штрајкови и незадоволство кај вработените, како и да се мисли на подобрување на инфраструктурата.
