Како да се најде доволно мазут за РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино заедно?
Во моментов ЕСМ има тешка задача со падот на температурите да го осигура доволното количество на мазут за своите две подружници РЕК Битола и РЕК Осломеј, како и за ТЕЦ Неготино.
Вчера заврши рокот за доставување на понудите за набавка на мазутот за термоелектраната ТЕЦ Неготино, но од ЕСМ велат дека за време на енергетската криза која се чувствува на континентот, шестте лиценцирани снабдувачи во земјата имаат проблем да го обезбедат потребното количество. За еден ден, велат познавачите, на досегашната „ладна резерва“ и е потребно од 1.100 до 1.800 тони мазут.
Владата пред една недела му даде согласност на ЕСМ да склучи договор за деловно-техничка соработка со ТЕЦ „Неготино” за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 - април 2022, Според овој договор, АД „ЕСМ“ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино“ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија.
Пред два дена ЕСМ објави тендер за набавка на 6.500 тони јаглен за поддршка за производство на електрична енергија од РЕК Битола и РЕК Осломеј. Секоја година пред зимскиот период се купуваат одредени количини мазут кои ќе треба да го надополнат производството со јаглен во зимскиот период. Оваа година бараната количина е значително намалена во однос на ланската. Инаку мазутот се комбинира со јагленот за да се зголеми калоричноста и потребен е што е можно повеќе ако се работи со полн капацитет.
Доколку е помала набавката на мазут, тоа значи дека ќе биде помало и производството на струја од јаглен.Од ЕСМ велат дека тоа е така поради актуелната финансиска конструкција што ја има најголемиот домашен производител и засега ќе се оди со помали набавки. Рокот за доставување понуди е до утре.
Инаку Стопанската комора веќе го вклучи алармот дека треба да се најде извор на струја кој нема да биде увоз од надвор и дека сака да види повеќе производство од нашите домашни капацитети, со предвидлива и одржлива пазарна цена, која сепак ќе биде пониска од онаа на светските берзи. Ако се продолжи да се набавува по овие цени, како што велат од таму, некои компании, особено од прехранбената индустрија, ќе бидат принудени да стават и клуч на врата.
Сега Комората има големи надежи за активирање на ТЕЦ Неготино, која работи на мазут. Дел од компаниите членки на комората, а особено една големна компанија, покажала интерес таа да помогне и да обезбеди мазут за ТЕЦ Осломеј, со цел да се скратат бирократските процедури, а за тоа да не наплати пари, туку да превземе потоа од произведената електрична енергија по пониска цена од пазарната, а остатокот струја да и се отстапи на ЕСМ. Но, државата застанала на ставот дека сака сама да го истера вклучувањето на ТЕЦ Неготино, и дала ветување до фирмите дека тоа е можно на крајот на овој или почетокот на наредниот месец.
А.К.