Како „цреп“ прави 10 милиони евра годишно?
Најпознатата македонска фабрика за керамиди, која неколку години наназад, е дел од групата „Тондах“ лани направи бизнис вреден 10 милиони евра од кои над 2,6 милиони евра се профит! ИГМ „Пролетер“ од Виница беше една од најтранспарентните аквизиции во земјава, од која вработените добро се офајдија
Најголемата македонската индустрија за производство на керамиди и за покриви лани остварила нето добивка од 162,4 милиони денари односно над 2,6 милиони евра, пишува во информацијата за финансиските токови што компанијата со седиште во Виница ја објави на Македонската берза за хартии од вредност.
Од малкуте објавени податоци е видливо дека компанијата лани имала приходи од продажба во износ од речиси 10 милиони евра односно 602,55 милиони денари. Нејзината добивка пред оданочување изнесува 3 милиони евра, а по плаќањето на данокот нето добивката изнесува 2,6 милиони евра.
Од достапните информации на интернет страницата на „Тондах“ Виница видливо е дека компанијата во земјава ја води домашен менаџмент. Управниот одбор го сочинуваат три члена од кои претседател е Трајче Серафимов, а членови се Савета Ѓеоргиева и Искра Спасовска.
„Тондах“ е еден од најпознатите европски производители на покриви и пред десетина години ја превзеде виничката индустрија за производство на градежни материјали „Пролетер“ која е специјализирана за производство на керамиди. Оваа аквизиција на македонскиот пазар беше една од најпопуларните затоа што вработените акционери кои продаваа акции на „Тондах“ добија пристојни суми за нивните акции. Компанијата и денеска работи успешно, а доказ се и податоците од билансот за 2016 година.
„Тондах“ на македонскиот пазар е присутен како производител на керамиди и како продавач и на своите производи дава гаранција од 33 години.
Р.Ф