Како „белата чума“ ќе влијае на економијата?
Демографите последниве години алармираат дека Македонија ја „коси белата чума“, а бројките покажуваат дека во многу општини во земјата бројот на починати лица е поголем од бројот на родени.
Ако се погледнат статистиките од Државниот завод за статистика кои се објавуваат по секое тромесечје, може да се забележи дека само скопските општини, Тетово, Гостивар, Куманово имаат висок природен прираст и дел од руралните општини. Сепак во мнозинството општини во внатрешноста населението се намалува.
Овој тренд во иднина ќе има последици и врз економскиот развој на државата. Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи вели дека овие показатели ќе имаат влијание на квалитетната работна сила во земјата.
„Еден од главните столбови на развојот се човечките ресурси, имајќи во предвид дека имаме одлив на квалификувана работна сила, ефектите врз развојот ќе се одразат врз намалување на понудата на квалитетна работна сила, намалување на можностите за генерирање на нови идеи и иновативност, па следствено и развој на претприемништвото. Од друга страна доколку се споредат економскиот циклус со стапката на невработеност може да се увиди дека нема корелација помеѓу истите, што може да значи дека и покрај намалување на невработеност истата не се основа на фундаментите на пазарот на труд кои може да произлегуваат и од политиките за вработување, меѓу другите фактори“ - објаснува Гарванлиева.
Социологот Светлана Илиевска
„Пензискиот систем и стареењето на населението како и економските состојби се секогаш поврзани. Недостигот на пазарот на работна сила на младо работоспособно население од една страна и голем број на пензионери од друга страна, кои своите пензии ќе треба да ги добиваат од мал број на вработени, може да предизвика социјалниот систем да крахира. Покрај намалувањето на понудата на работна сила, економски последици од стареење на население е неусогласеноста на расположивите и потребните профили на пазарот на трудот, намалување на продуктивноста на трудот, конкурентноста на една држава, потрошувачката и патиштата. Таму каде што нема народ ќе се намали потрошувачката, инфраструктурата и економијата“ - смета социологот.
Таа додава дека емиграцијата има силно негативно влијание врз репродукцијата на населението, затоа што „извозот" на жени во фертилниот период доведува до ниско ниво на идната стапка на наталитет која се очекува не само во наредните 10 - 15 години, туку за подолг период кој доаѓа, веројатно за 40 - 50 години. Ваквите демографски тенденции многу влијаат врз тековите на економските трансфери помеѓу генерациите, додава Илиевска
С.А.
