Како Апелација го ошамари „Скопски пазар“?
Ништовна е одлуката со која „Скопски пазар“ купил акции за во сопствен откуп врз основа на Одлука за усвојување на годишна сметка за 2014 година. Тужител, што го доби спорот, беше најголемиот акционер „Современ дом“ кој е лута опозиција на браќата Давитковски
Скопска апелација поништи три трансакции со кои „Скопски пазар“ купи вкупно 201 акција во сопствен откуп во 2015 година. Тужител во овој процес беше прилепската компанија „Современ дом“ која и покрај тоа што е најголем поединечен акционер во „Скопски пазар“ подолго од три години е лут ривал и најголема опозиција на браќата Давитковски (директори и акционери во „Скопски пазар“).
Апелацискиот суд во Скопје со своја пресуда ТСЖ – 1177/18 донесена на 21 февруари годинава ја потврди Пресудата на првостепениот суд со која се поништени трансакциите со кои се купени вкупно 201 обична акција и е задолжен Централниот депозитар на хартии од вредност да ги врати тие акции на нивните претходни сопственици. Доколку ова не е преседан во нашата судска пракса тогаш еден од ретките примери во кои судот поништува трансакции со акции кои се купени за во сопствен откуп со пари на сите акционери во одредена компанија.
Сепак овој судски случај ќе влезе како преседан во нашата корпоративна историја. Затоа што прв пат најголем поединечен акционер не само што ја тужи компанијата во која е акционер за купување акции во сопствен откуп туку и добива две пресуди во своја корист.
Што се случило?
На закажано годишно акционерско собрание во април 2015 година во предлог материјалите „Скопски пазар“ односно предлагачите т.е. органите на управување и надзор не ставаат засебна точка предлог – одлука за откуп на сопствени акции на дневен ред. Тие предлогот за откуп на сопствени акции го ставаат во предлог одлуката за усвојување на годишна сметка за 2014 година и тоа како член 3 на таква предлог одлука која акционерското собрание ја усвоило и „Скопски пазар“ купувал акции врз основа на таа одлука.
Акционерот „Современ дом“ поднел тужба и Основниот суд Скопје II пресудил (од втора н.з.) дека акционерот е оштетен и дека компанијата не постапила правилно и го задолжила ЦДХВ да ги врати тие акции на поранешните сопственици. Имено судот утврдил дека мора да постои засебна одлука за откуп на акции од страна на издавачот и дека не може таква одлука да се носи во рамки на друга одлука. Заради тоа судот ја поништил одлуката во членот 3 и го задолжил ЦДХВ да ги врати акциите во сопственост на поранешните сопственици.
Незадоволни од оваа пресуда управувачаката структура на „Скопски пазар“ поднеле жалба до Апелацискиот суд кој во февруари годинава донел пресуда со која ја одбива жалбата на тужениот т.е. „Скопски пазар“ја потврдува ништавноста на одлуката за сопствен откуп на акции и го потврдува задолжението на ЦДХВ да ги врати акциите (121 купена на 8 мај 2015 година, 50 акции купени на 13 мај и уште 30 акции купени на 15 мај во 2015 година) на поранешите сопственици. Апелација утврдила дека „Скопски пазар“ сторил повреда на член 333 од Законот за трговски друштва затоа што купувал сопствени акции врз основа на ништовна одлука од акционерско собрание.
Кој го контролира „Скопски пазар“?
„Современ дом“ поседува 24,8 отсто од акциите со право на глас. Во сопствен откуп компанијата има 11,4 отсто од акциите со право на глас. Сашо Давитковски, претседател на Управниот одбор, има 10,64 отсто од акциите со право на глас, а неговата мајка поседува 11,36 отсто. Тошо Давитковски поседува помалку од 5 отсто од акциите со право на глас. Уште 145 домашни физички лица контролираат околу 25 отсто од акциите со право на глас. Околу 11 отсто од акциите се во сопственост на 13 домашни физички лица.
