Кај фалсификаторите пронајдени и илјадници прислушувани телефонски разговори
Покрај обемната опрема за изработка на лажни документи, во тајните работилници за фалсификување, откриени се и илјадници прислушувани телефонски разговори.
Скопското обвинителство потврди дека во компјутерот на осомничените лиза за фалсификувањето, се пронајдени и фајлови со телефонски разговори, за кои се уште не се знае од каде потекнуваат.
Од обвинителството дадоа рок од два месеци да се изврши вештање.
Заменик-обвинителот Јован Цветановски изјави дека Основното јавно обвинителство во Скопје, оформи повеќе предмети во врска со фабрика за фалсификувани лични карти која беше откриена пред неколку дена во Скопје и по нив интензивно постапуваат повеќе обвинители.
"Во текот на досегашната истрага издадени се наредби за вештачења, претреси и разговори со повеќе лица за утврдување на фактичката состојба. Ја известуваме јавноста дека при извршени претреси на станови на осомниченото лице З.Б. и на други лица пронајдени се голем број на обрасци за патни исправи, возачки дозволи, лични карти и други документи за подготовка на невистинита документација. Пронајдени се и машини и опрема, преси, секачи и компјутерска опрема за изготвување на фалсификувана документација.” – информираше Цветановски.
Покрај ова, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека на 21 лице од Пустец, МВР незаконски им издало лични карти.
Министерот, како што рече, по случаен избор побарал да се проверат 20-тина лица за кои постоеле сомнежи за нивното живеалиште и како се нашле на избирачкиот список.
Потоа се увидело дека едно лице немало ниту лична карта, а се нашло на избирачкиот список, а на сите други 21 лице им се издадени лични карти без да имаат поднесено соодветна документација врз основа на која се издава личната карта.
Доколку се покаже дека во МВР е злоупотребена институцијата, Спасовски најави дека ќе има постапки и внатре во Министерството.