Економија, финансии, бизнис

Контакт

Кафанџиите ќе се спасат од клуч на врата ако неиздаваат фискални сметки

Кафанџиите ќе се спасат од клуч на врата ако неиздаваат фискални сметки

Угостителите ќе се спасат од пломбите на Управата за јавни приходи ако неиздаваат фискални сметки. Доволно ќе биде само веднаш да ја платат паричната казна и веднаш да продолжат со работа, без да добијат забрана за вршење на дејноста во рок од 15 дена. Ова се предвидува со иницијативата на група пратеници во Собранието на Република Македонија, за која Владата на последната седница даде позитивна оценка. Постапката сега продолжува во собраниските тела и се очекува иницијативата да се преточи во законско решение и да стапи во сила по добивање на зелено светло од пратениците.

- Со новото предлог законско решение, се бара да се овозможи на даночниот обврзник, кај кого е констатирана незаконитост, да нема забрана за вршење на дејност во деловната просторија во траење од 15 дена, туку да се овозможи непречено работење веднаш по плаќањето на казната за прекршокот. Владата заклучи дека оваа мерка е во согласност со определбите на владата, казнената политика да биде превентивна, а не репресивна и препорача натамошно унапредување на овие мерки- вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Засега, со новото предлог- законско решение е опфатена само даночната инспекција на Управата за јавни приходи. Намерата е понатаму оваа пракса да се прошири и на другите инспекциски служби и надзори, како здравствената, санитарната, ветринарната и други, во согласност на специфичностите на одредени прекршоци. На пример, ако објектот е затворен поради нехигиена, потребно е време тој да се исчисти и слично.

М.Б

Слично

Поврзани вести