Каде заглави правилникот за нафтени резерви: Се ценка ли држава со надоместокот кон компаниите кои ги чуваат
Наскоро ќе има решение на гореливото прашање за кое притискаат компаниите кои ги чуваат нафтените резерви.
Без да прецизираат кога компаниите ќе добијат надомест за чување на државните резерви на нафта, надлежните убедуваат дека се работи на Правилник за уредување а решението ќе биде најдено наскоро.
„Министерството за финансии работи за решавање на овој проблем. Наша интенција е да биде завршен што побрзо. Но ние мора да ги штитиме интересите на граѓаните“, кажа Тевдовски.
Досега неколкупати Фактор пишуваше за оваа тема.
Македонија е единствена земја во која државата не им дава ниту денар на фирмите кои во свои складишта ги чуваат државните резерви. Окта, Макпетрол и Лукоил за тоа имаат годишен трошок од три до четири милиони евра, а според постојната законска регулатива за тоа не добиваат парична компензација. Од финансии потврдија само дека се во преговори со нафтените компании, но дека не може да се објавуваат дополнителни информации. Фактор дознава дека државата сака надоместокот да биде минимален или околу едно евро за метар кубен додека за нафтените компании тоа е неприфатливо.
Инаку, граѓаните со секој купен литар гориво и плаќаат на државата од 0,3 до 0,89 денари за нафтените резерви, па по оваа основа државата годишно собира околу осум милиони евра, но фирмите што ги чуваат резервите, со години не добиваат никаков надоместок. Актуелниот начин на добивање „компензација“ е застарен и потекнува од времето на СФРЈ со кој компаниите може да го користат горивото од резервите, но потоа да го вратат, што во суштина значи никаква добивка за тоа. Проценките говорат дека приватните компании годишно трошат по 3 до 4 милиони евра за чување на државните резерви на нафта во своите резервоари.
Нафтените компании кои ги чуваат резервите од поодамна реагираат на практиката да ги чуваат резервите за без пари. Ако уредбата се пролонгира, и оваа година треба да останат без денар.
