Каде се загуби прогресивната студентска младина?!
Студентски домови како од хорор филм, организации во затворен круг, без идеја и конкретни решенија за подобар студентски стандард. Вака и во 21 век студентите го живеат својот академски живот. За дел од студентските организации апатијата, стравот и неорганизираноста стануваат заеднички именител за движечката општестевна сила, која одамна го изгубила приматот.
Анонимноста, можност за реална слика на студентскиот живот!
Главниот проблем за реално да се проговори за проблемите со кои се соочуваат студентите на терен е стравот од притисоци и реперкусии кои директно ќе удрат по нивниот грб-смета Ивана Драгшиќ од “Плоштад Слобода”. Според неа потребни се повеќе истражувања и анализи меѓу студентите, но за кои ќе биде загарантирана анонимноста, со цел да се добие реален и точен став на самите студенти.
“Стравот постои во студентските кругови, и тоа доволно основан. Стравот е комплексен бидејќи се работи за академскиот успех, за животните услови, се работи за малата општествена средина и јавен простор во кој функционираме, така да секој мал исчекор и јавен исказ на било каков став веќе ве бележи на некој начин, а особено во светот на студентски домови и студентски сојузи. Познавајќи ја основната, главната, монополистичка студентска организација, и што тие работат, мислам дека најмалку вината лежи во студентите, и тие се едни од најобесправените. Доколку се направи иницијатива или анализа со најголема анонимност за студентите, верувам дека може да се добие барем реална слика за состојбата. Истото можеме да го кажеме и споредиме со граѓаните на општина Центар и на град Скопје, за кои постојано слушаме дека се обесправени, а постојано се гради и гради. Меѓутоа кога дојдоа локалните избори, се спроведоа три круга и од сите нив граѓаните излегоа побројно. Тоа е една теза која се должи на анонимноста која граѓаните ја имаат при искажувањето на нивниот став, бидејќи јавно искажаната мисла, тоа стана една од “најстрашните” работи кои човек може да ги направи, а со тоа да ги загрози својот живот, својата животна судбина, своите семејства, работата”-вели Ивана Драгшиќ од “Плоштад Слобода”.
Политиката велат дел од студентските здруженија, длабоко навлегла во студентските кругови и затоа малкумина се осмелуваат јавно да го кренат гласот за проблемите. Дополнително и неорганизираноста и непревземањето став по конкретните и суштински прашања, како студентските домови, условите, корупцијата, ги ослабуваат позициите на студентите како преговарачи со надлежните институции.
“Мислам дека тоа е работа на долги патеки, наше е да се потрудиме и да се избориме за нешто, ако цело време се повторуваат истите установени мудрости дека ведната глава сабја не сече, и други клишеа дека молчењето е злато и слично, не мрднуваме од статус- кво ситуација. Според мене треба да имаме чувство за конкретниве општествени околности, за тоа како е градена свеста за студентите, за тоа што влијае директно на нив, и за конкретните материјални услови, за да се формулираат барања заеднички за сите. Студентските лидери одамна го изгубија контактот со реалноста, можеби треба некој од нив да помине една вечер во домовите, па тогаш да може да зборува со какви проблеми се соочуваат неговите колеги. Да тргнеме од некоја појдовна точка што би ги обединила студентите, и после првата победа дури и да е најмала, студентите добиваат некоја моќ и поголем маневарски простор. Се зависи од тоа како ќе се постават барањата и како ќе се артикулира гневот. Во секој случај страв постои, ако не постоеше стравот немаше по сто пати да се правеа дебати и да се разговараат истите теми околу незадоволството од оние кои ги водат и директно влијаат на мислењето на студентот. Тука е задачата да се победи тој страв или барем да се потрудиме да го победиме”-вели Дејан Лутовски од Слободен индекс.
Организирани студенти- силна преговарачка сила!
Првите пионерски чекори во подобрување на студентскиот живот велат дел од студентските здруженија значат многу повеќе од забава во некоја од скопските дискотеки , бидејќи она што некогаш значело прогресивна младина, денес без студентска организирност значи да се допре дното.Според Марија Мирчевска од Младинскиот образовен форум, еклатантен пример за слаба организираност се студентските домови, распределбата на леглата, условите во кои живеат најголемиот број од идните интелектуалци.
“Она што е најпроблематично е што не постои организирана реакција по однос на состојбата во студентските домови.Од една страна ги разбирам тиe студенти, бидејќи дел од нашите истражувања досега покажале дека голем број од леглата се доделени на нелегален начин, односно се случува корупција при самиот процес, тие се плашат отворено да зборуваат за овој проблем од страв да не го изгубат местото.Првично она што недостасува е една реална вистинска проценка, на тоа какви се условите во студентските домови и што е потребно, за да се санираат штетите, да се инвестира, да се доразвијат студентските домови, бидејќи тие не треба да бидат само место каде што студентот ќе преспие, туку место каде ќе го поминат голем дел од времето,тие имаат потреба од читални, простори за релаксација, па до основни услови како греење, клима, посебни занимални.
Дека се направи некаква промена во начинот на доделување на леглата е точно, по електронски пат се спроведе и тоа е добро, но сеуште не сме сигурни дали се спроведе до крај како што треба. По прашањето за организираност мора да кажеме како критика дека студентите не се доволно организирани, вината делумно е во студентските парламенти и лидерите, бидејќи единствените признаени форми на студентско организирање се токму тие, кои функционираат во рамките на факултетите. Имајќи во предвид дека овие парламенти односно организации добиваат многу критики дека се подложни на корупција, дека не ги спроведуваат транспарентно избори, дека не се инклузивни, дека не може секој да земе учество, дека им недостасува транспарентност бидејќи никој не знае како ги донесуваат одлуките, како гласаат во телата на одлучување, дополнително студентите не се запознаени кој е претседателот, не учествувале на избори, впрочем фактот што само претседателот е јавна фигура од цело ова тело, говори дека има проблем во самата организациска поставеност. Неможе симболот за студентите да биде само едно лице.
Концептот треба да биде плуралистички и отворен за сите, имајќи во предвид дека тој канал каде треба да се манифестираат нашите барања е нефункционален, се наоѓаме во ситуација кадешто ние не можеме да се организираме и ефективно да делуваме и да вршиме притисок да ни се излезе во пресрет. Фактот што делуваат сами, јавноста има впечаток дека или се работи за еден човек или за мала група на луѓе кои немаат комуникација со поголемиот дел од студентите што е повеќе од 50 000 само на УКИМ. На овој начин, се ослабени позициите на студентите и како преговарачи не сте во моќ за да поставите барања”-смета Марија Мирчевска од МОФ.
Студентскиот парламент задоволен од сработеното?!
Од Студентскиот парламент велат дека нивниот приоритет е да ги штитат и остваруваат правата на нивните колеги преку сите механизми кои им стојат на располагање, бидејќи обединети, ќе ги реализираат планираните проекти.Студентскиот лидер Кирил Спировски, вели дека предизвици има многу, но има и многу реализации. Сепак, наместо помеѓу колегите, денот посветен на македонскиот студент, ќе го одбележат со свечена академија во петок. Она што според нив ја одбележа изминатава година е активирањето во процесот на аплицирање на студентите за место во студентските домови за да се надминат долгогодишните студентски маки.
“Успеавме да ги обештетиме студентите од пожарот во студентскиот дом Гоце Делчев,со надеж дека истата нема да се повтори, презентиравме програми за размена на студенти од Европската унија, ги реализиравме Македонските студентски игри со над 1000 студенти на едно место како и Универзитетските лиги, заштита на студентските права преку студентски правобранители”-вели Спировски.
Иако најголемите критики од студентските здруженија се упатени токму на Студентскиот парламент, првиот студент Кирил Спировски уверува дека следната година ќе се насочи кон подобрување на студентскиот стандард и подигнување на студентската свест за бизнисот и претприемништвото,намалување на говорот на омраза преку интернет, како и кон поставување на клупи по студентските домови, но не образложува дали конечно ќе се воспостави мост на комуникација со другите студентски организации, за отворено решавање на проблемите на студентите на заедничка маса со колегите кои секојдневно ги чуствуваат пропустите и проблемите на студентскиот живот.
С.Б.
Слично
