Каде ја утна Димитар Хаџи Мишев?
Очигледно дека искусниот инженер и долгогодишен директор на скопска „Топлификација“ премногу верувал на своите правни советници и на македонскиот правосуден систем. Епилогот е катастрофален за него и стотици мали акционери на „Топлификација“, компанијата падна во стечај

Во ваква констелација на односите, ако се вратиме на боксерската ситуација, многу е веројатно дека одбројувањето ќе заврши и судијата ќе прогласи „нок аут“ по што грогираниот боксер ќе биде изнесен од рингот. А какви ќе бидат реакциите на публиката? Зависи кој како се опкладил. Така и на пазарот на капитал. Сите инвеститори во акцијата на „Топлификација“ ќе „загинат“ затоа што се знае што следува за акциите на компанија над која судот ќе прогласи стечај. За Димитар Хаџи Мишев е извесно дека сите што го поддржувале сега откако нивните акции нема да вредат ништо тој ќе биде најголемиот виновник. А можеби човекот само премногу верувал на неговите правни советници?
Клучното прашање во боксерската ситуација е дали судијата на натпреварот всушност е банкарот? Затоа што „Топлификација“ односно имотот на компанијата е заложен кај една или повеќе банки и тие ќе имаат клучата одлука при продажбата на тој имот. А тоа се скопските топлани кои нели мора да работат, тоа е нужен интерес на скопјани. Најлесно решение е само да се смени нивниот сопственик. Но да видиме како ќе се одвива оваа македонска серија и кој е Итар Пејо од оваа ситуација. За грогираниот боксер видовме дека е Насредин Оџа.
Очигледно дека Димитар Хаџи Мишев заборави дека ќе ги мери силите со многу силни противници кои имаа да изгубат многу повеќе од него. Тоа го покажаа и со потегот дека отидоа на отпис на 90 отсто од нивните побарувања во ТЕ-ТО каменот на сопнување кој всушност е каменот околу врат на екипата што ја води „Топлификација“.
Големиот стручњак Димитар Хаџи Мишев, познат и признат во својата дејност идејниот татко на когенеративната централа ТЕ-ТО која всушност и му ја уништи „Топлификација“ заборави само едно просто и суштински важно правило: струјата е многу поважна и поскапа стока со пазарна цена од топлината со која се снабдуваат скопјани. Токму бизнисот со струја и потенцијалите и системското значење на ТЕ-ТО му пресудија на Хаџи Мишев. Ќе има време да се преиспита кој се беше „тројанскиот коњ“ во неговиот сојуз?
Р. Ф.
