КАДЕ Е ОДГОВОРНОСТА: Се бара оставка од министерот Тодоров!
Во изминативе неколку дена, па и месеци и година дена сведоци сме на трагични настани и смртни случаи ширум болниците низ земјава.
Повеќе политички партии, доктори, граѓани бараат одговорност од министерот Тодоров.
Од движењето Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ) искажуваат запрепастеност, како што велат, од рамнодушноста на министерот за здравство по однос на последните трагични случувања во нашите медицински установи.
Во нивната рекација велат дека „министерот кој речиси секој ден е во медиумите да соопшти дека во некоја од медицинските установи се офарбале вратите, се набавиле „нови“ апарати за анестезија, компјутери, еден куп непотребни биохемиски анализатори, соочен со колапсот во здравството, одлучи да се сокрие и да молчи. Таква е праксата на власта, секојпат кога системот колабира. Чекаат моментниот бес и мака да спласнат, за подоцна да си продолжат по старо, и за жал, повторно со загуба на човечки животи. Загрижени од последните случувања во здравството во нашата татковина, јавно го повикуваме Министерот за здравство да даде изјава по однос на истите, да даде отчет за целокупната катастрофална состојба на здравствениот систем и најважно од сè, да си поднесе неотповиклива оставка“.
И докторот Ношпал се огласи, ама на Фејсбук.
„Последните случувања во нашето здравство и за жал последните изгубени човечки животи, всушност се последица од лошите реформи и организираност на нашиот здравствен систем и на виделина ги извадија сите слабости и пропусти на партиски контролираните јавни здравствени установи. Досегашната популистичка политика на Министерот за здравство веќе не е во состојба да ги скрие сите негативности на овие реформи. Реформи кои во суштина не водат грижа ниту за пациентите,ниту за медицинскиот персонал и мора да бидат претставени како успешни во согласност на целокупната партизираност и узурпација на демократијата во нашата држава. Ако се направи една анализа на сите несакани случаи, на кои бевме сведоци во поблиската и малку подалечна иднина, се доаѓа неминовно до закључок дека вистинската вина за овие крајни последици се погрешните реформи и одлуки за организација на здравството. Запрашајте се кој е во крајна инстанца крив за лекарските грешки, ненавремен транспорт на пациенти, погрешна терапија, толерирање на алкохолизирана состојба на работно место? Нашиот здравствен систем е заболен од тешка, акутна болест со тенденција да премине во хронична, ако не се реагира на време. И како по правило, Министерот за здравство, кој инаку редовно се појавува во медиумите да даде изјави за „успешноста“ на реформите во духот на „остваруваме“ и во полза на зголемување на партискиот рејтинг, никаде го нема. Крајно време е да ја признае и да не ја избегнува одговорноста, како главен причинител за болеста на нашиот здравствен систем“-, напиша тој.
И од либералната партија бараат оставка од министерот Тодоров.
„Четирите смртни случаи во четири дена во јавните здравствени установи потврдуваат дека токму отсуството на систем на квалитет и контрола во здравствените установи се причинители за ваквите трагедии. Притоа, во отсуство на детали, се воздржуваме од коментар за смртта на уште една трудница на скопската Клиника за гинекологија.
Од оваа партија велат дека целото здравство не може да биде одговорно за ваквите несакани трагедии, а Министерството не може да биде директно одговорно за неодговорноста на поединци – доктори или медицински персонал. Но челните луѓе во Министерството и раководствата на болниците се одговорни за отсуството на систем за квалитет и контрола на процесите во здравствените установи, што ги причинуваат ваквите трагедии“.
