Кабинетот на Анѓушев со реакција на наодите на невладините за малите хидроцентрали
Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓшев испрати реакција за наодите на двете невладини организации „Еко свест“ и „ЦЕЕ Банквоч нетворк„ (CEE Bankwatch Network) кои беа објавени во текстот на Фактор насловен „Ќе им секне ли медовината на малите хидроцентрали“, објавен денеска. Во реакцијата која е подолга се објаснуваат повеќе детали од регулативата за малите хидроцентрали.
Ја објавуваме подолу во целост.
„Со Уредбата за мерките за поддршка на производството на
електрична енергија од обновливи извори на енергија,која е донесена од Владата на
Република Северна Македонија на 5
февруари 2019 година, на ниту еден начин не се фаворизира изградбата на малите
хидроцентрали. Делот кој се однесува на малите хидроцентрали е комплетно ист и непроменет како во
последните 13 години, односно со донесувањето на предметната Уредба не
е направена никаква промена кај малите хидроцентрали со што би се создала
некаква бенефиција за фирмите на Вицепремиерот, како што се наведува во делови
од текстот. Оттука, комплетно е неточно тврдењето дека кабинетот на
Вицепремиерот ја креирал регулативата со цел создавање на бенефиции за неговите
фирми, напротив се работи за унапредување на законодавството со цел
усогласување на европските регулативи и директиви и подигнување на
конкурентноста во енергетскиот сектор.
Во минатото а и сега изградбата на малите хидроцентрали се спроведува во јавна, транспарентна и конкурентна процедура во согласност со Законот за води и Законот за концесии и јавно приватно партнерство.
Секој инвеститор има обврска при изградбата да ги почитува стандардите, особено од аспект на заштита на животната средина и водите, испуштање на биолошки минимум и сл. Надлежните институции и инспекторати го следат процесот на градба и на работа на малите хидроцентрали и постапуваат во случај кога нешто не е во согласност со пропишаните стандарди.
Би сакале да информираме дека не е потполно прецизно ако се каже дека за малите хидроцентрали се исплаќаат 120 евра за произведен мегават час, туку врз основа на месечното производство од малите хидроцентрали цената варира од 45 до 120 евра за мегават час, при што согласно Извештајот на РКЕ за 2018 година, просечната цена изнесува околу 80 евра за мегават час.
Дозволите за градба и работа на малите хидроцентрали кои се дел од компании во кои има сопственост вицепремиерот Анѓушев, се добиени во транспарентна и конкурентна постапка, во минатите 10 години и истите се изградени во согласност со постојната законска и подзаконска регулатива. Ново донесената регулатива нема никакво влијание на нивната работа, ниту со донесувањето на истата се создале било какви поволности за истите.
Она што е сменето во Уредбата, а е спротивно на тврдењата на невладината организација Еко свест е воведување на нов механизам за подршка на изградбата на фотонапонските електрани соцел значително зголемување на изградбата на истите. Имајќи во предвид дека во минатото иако земјата располага со огромен потенцијал на сончева радијација, биле изградени само 18 MW.
Само со објавата на првиот јавен повик, планирано е да се изградат фотволтаични електрани со инстлирана моќност од 35 MW,што е двојно повеќе од сите фотонапонски електрани што се изградени во последните 10 години.
Тендерската документација за јавниот повик е изработена од страна на независни консултанти со техничка помош на Европската Банка за обнова и развој и истата е донесена во најтранспарентна постапка и презентирана и пред целокупната јавност како и пред сите чинители во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија на најтранспарентен начин.
Благодарение на овој механизам кој е во согласност со ЕУ законодавството ќе бидат изградени најмалку 200 MW во наредните неколку години со што значително ќе се зголеми инсталираниот капацитет на фотонапонски електрани спротивно на тврдењата на невладината организација.
На крај сакаме да потсетиме дека законската и подзаконската регулатива се изработуваше со техничка помош од УСАИД и во соработка со Секретаријатот на енергетската заедница кој впрочем во нивниот извештај за 2018 година констатираше дека со донесувањето на оваа регулатива Република Северна Македонија направила огромен напредок во имплементацијата на ЕУ законодавството. Ова е доказ дека целокупниот процес, како и донесената регулатива е во согласност со законодавството на ЕУ.
Би сакале уште еднаш да ја инфорираме јавноста во Република Северна Македонја, дека во тек е изработка на Стратегија за развој на енергетиката за периодот до 2040 година и истата се изработува имајќи го во предвид пакетот на ЕУ за Енергија и клима.
Република Северна Македонија е прва земја членка од Енергетската Заедница која изработува ваков тип на стратешки документ и истото е нотирано, како позитивен чекор и од страна на Секретаријатот на енергетската заедница. Во процесот на изработка на стратешкиот документ за првпат формирана е работна група од преставници од невладините организации во која учествува и Еко Свест, нешто што треба сите да признаеме, во минатото не можело ниту да се замисли.
Изминатите две години, Владата презеде низа на активности во врска со реформите во енергетскиот сектор, сите се спроведуваат на најтранспарентен можен начин, со вклучување на сите засегнати страни, вклучително и невладините организации. Важно ни е учеството на сите засегнати страни, во насока на донесување решенија кои ќе го унапредат енергетскиот сектор во земјата и ќе допринесат за зголемување на производството на електрична енергија на конкурентна основа, со фокус на зголемување на производство од обновливи извори, особено од природниот ресурс со кој земјата располага, односно од фотоволтаични централи.
Кабинет на заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања
