Кабинет на претседателот: медиумите неправилно ги интерпретираат податоците за набавката на вратоврски!
Кабинетот на претседателот реагираше во врска со веста за набавката на вратоврски, објавена од некои медиуми. Соопштението Ви го пренесуваме во целост:
Во врска со објавената вест „ Колку чинат вратоврските на Иванов?“, оценуваме дека станува збор за тенденциозно и злонамерно извртување на фактите, со крајна цел дискредитација на институцијата Претседател на Република Македонија.
Со цел правилно информирање на пошироката јавност, ви укажуваме дека наведените износи од договорите за јавните набавки претставуваат планирана вредност на јавната набавка која не секогаш се реализира во целост, односно не се исплатени целите износи наведени во договорите, туку по фактура за извршената услуга. Истовремено, укажуваме дека е погрешна констатацијата дека јавните набавки покриваат потреби за шест месеци, туку истите се однесуваат за период од една година.
Поради тоа, од страна на вашиот медиум е извршена неправилна интерпретација на објавените податоци и пред македонската јавност е прикажана искривена слика околу јавните набавки направени од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
Во врска со наведената набавка на вратоврски, би сакале да ви укажеме дека станува збор за протоколарен подарок, што се набавува согласно протоколарните активности на Претседателот, вклучувајќи посети на странски делегации на Република Македонија, како и возвратни посети на странски држави, практика која се користела и во мандатите на претходните претседатели.
Дозволете, во оваа прилика да ви укажеме на нашата отвореност за соработка, со цел правилно и навремено информирање на македонската јавност за работата на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
Слично
