К-15 исплатиле речиси 90 отсто од фирмите
Сојузот на синдикати ги повика сите работодавачи да го запазат предвидениот рок и да го исплатат паричниот регрес за годишен одмор на своите вработени, во спротивно, порача дека ќе побара од трудовата инспекција веднаш по Нова Година да започне со контроли за да се утврди кој не ја испочитувал законската обврска и не исплатил К-15.
Според нивните информации до сега околу 90 отсто од компаниите ја подмириле оваа обврска, а останатите имаат уште еден ден, по што доколку не исплатат минимум 8.500 денари на своите вработени по основ на К-15 ќе се соочат со големи парични глоби предвидени со измените на општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството кои беа усвоени минатиот декември.
Од Сојузот на синдикати на Македонија се оптимисти дека сите компании ќе стигнат навреме да го исплатат регресот за годишен одмор.
Сите неправилности при исплатата како на пример враќање на цел или делумен износ од регресот на рака на газдите, работниците можат да ги пријават во 11 канцеларии за правна помош кои синдикатот ги има низ државава.
Право на К-15 има секој работник кој работи кај ист работодавец најмалку 6 месеци во календарската година.
Според проценките паричен надоместок по основ на регрес за годишен одмор треба да добијат околу 300.000 лица.
Газдите кои нема да ја исполнат обврската навреме ќе се соочат со казни од 1000 до 4000 евра, а работниците имаат право да ги тужат.
Слично
