Јужен тек во Србија ќе почне да се гради до крајот на годината
До крајот на годината Србија ќе започне со изградба на гасоводот Јужен тек на нејзина територија, изјави српскиот амбасадор во Москва Славенко Терзиќ.
„Јужен тек е проект кој има статус на национален приоритет за Србија. Тоа е исклучително важен проект не само за нашата земја, туку и за други земји во јужниот дел на Европа. Очекуваме дека изградбата на Јужен тек ќе започне до крајот на годината“, изјави Терзиќ.
Тој смета дека и Бугарија ги очекува резултатите од вонредните парламентарни избори в недела, а потоа ќе донесе конечна одлука за судбината на гасоводот на бугарска територија.
Официјална Софија ги стопираше плановите за изградба на Јужен тек, поради спротивставувањето на Европската унија.
Јужен тек е инфраструктурен проект на руската компанија Гаспром. Гасоводот со капацитет од 63 милијарди кубни метри гас треба да поминува по дното на Црното Море, кон земјите од јужна и централна Европа.
Првите испораки на гас преку овој гасовод беше планирано да се случат во 2016 година, а во 2018 година да се достигне полниот капацитет за транспорт на природен гас. Заради спротивставувањето на ЕУ и заладените односи меѓу Москва и Брисел, ваквите планови се неизвесни и покрај најавите од Русија дека не се откажува од проектот.
Слично
