Јункер: Турција треба да е безбедна, инаку преговорите со ЕУ запираат
„Ако Турција не биде во листата на „безбедни земји“, преговорите за членство во ЕУ можат да бидат прекинати“, изјавил во Европскиот парламент (ЕП) претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан - Клод Јункер.
Неодамна ЕК предложи Турција и земјите од Западен Балкан да бидат оценети како безбедни. Тоа значи дека мигрантите кои пристигнаа во ЕУ од безбедните земји, можат да се вратат таму.
„Турција вложува големи напори за прифаќање на имигранти и очигледно дека има потреба да ги заштитити надворешните граници“, посочил Јункер.
Тој додал дека „најдобриот одговор на проблемот со имигрантите не е во исправање на ѕидови, бидејќи имигрантите ќе најдат пат кон Европа“.
„Неверојатно е во 2015 година да се зголемат оградите помеѓу земјите од ЕУ, тоа ќе биде крајот на Европа, ако сите постапат така“, изјавил Јункер.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск од своја страна додал дека усвојувањето на мигрантите и затварање на надворешните граници на ЕУ е заедничка одговорност.
„Видовме полека раѓање на нови форми на политички притисок, нова хибридна војна во која миграциските бранови се користат како алатка, како оружје. Да се заштитиме од ексцесите“, повикал Туск.
Тој додал дека миграцискиот бран само ќе се интензивира, ако сирискиот претседател Башар Асад остане на власт.
„Европа без надворешни граници значи Европа без Шенген. Европа без надворешните граници ќе биде расадник на страв и порано или подоцна причина за политичка катастрофа“, посочил Туск.
