Јункер не сака балканските земји брзо да влезат во ЕУ?
Претседателот на Европска комисија Жан-Клод Јункер во интервју за весникот „Политико“ вели дека е против брз прием на земјите од Западен Балкан во Европска унија.
„Не сум приврзаник на брзо присоединување на Западен Балкан кон ЕУ. Но, ако им се одземе европската перспектива повторно ќе го преживееме тоа што го преживеавме во 90-тите години. Во тој контекст стабилноста на системот на ЕУ е задолжителен услов за Балканот повторно да не западне во состојба на војна“ - вели Јункер.
Тој објасни дека е и против прекин на преговорите за членство на Турција во ЕУ и изрази надеж дека Анкара ќе соработува со Брисел.
Според него, Турција буквално секоја секунда се оддалечува од исполнувањето на обврските за членство во ЕУ.
Европарламентот во јули усвои резолуција за замрзнување на преговорите за членство на Турција во Унијата, поради непочитување на човековите права и кршење на демократските начела.
Земји кандидатки за членство во ЕУ се Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, а минатата година, молба за присоединување поднесе и Босна и Херцеговина.
