Јункер: Голема грешка е да се затвори вратата на ЕУ за Турција
„Да се прекинат преговорите за пристапување на Турција во Европската унија би било сериозна надворешно-политичка грешка“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер пред германска телевизија, набргу откако Австрија апелираше за тоа, пренесе Франс прес.
„Ако во овој момент во Турција се создаде впечаток дека, без оглед на ситуацијата, ЕУ не е подготвена да ја прифати, тоа, според мене, ќе е сериозна надворешно-политичка грешка“, рече Јункер во интервју за телевизијата А Ер Де, кое ќе се емитува во неделата, но извадоци од него беа пуштени денес.
„Турција во моментална состојба не може да стане членка на ЕУ“, додаде Јункер во интервјуто, цитирано од Ројтерс.
„Таа сигурно не може да стане членка на ЕУ, ако воведе смртната казна, како што сакаат и бараат поединци“, предупреди тој.
„Но, не мислам дека ќе биде од корист, ако ние еднострано и кажеме на Турција дека со преговорите е завршено“, повтори Јункер.
