Економија, финансии, бизнис

Контакт

Југохром го згасна производството

Југохром го згасна производството

Производствените печки во фабриката Југохром во Тетово комплетно згаснаа, но воздухот во овој град и натаму е загаден. Според последните податоци од мерните станици присуството на штетните суспендирани честици ПМ 10 се на високо ниво односно од 170 милиграми на метар кубен. Работниците од фабриката „Југохром“ која е затворена на барање на Министерството за животна средина, му дадоа рок на бордот на директори  до понеделник да одлучат за нивните барања.Бараат да добиваат плата во периодот кога компанијата нема да работи, и се заканија со протести ако надлежните не одговорат на нивните барања. Директорот Васко Скендеровски изјави дека планира да се сретне со синдикатот.

Дел од екологистите велат дека редно време беше да се затвори оваа фабрика, која според нив е клучен загадувач на воздухот во овој регион. Вработените кои останаа без работа се колатерална штета, а државата треба да стимулира отворање на зелени работни места, посочуваат екологистите. 

„Конечно правилна одлука за затворање на Југохром. Треба да сочуствуваме со граѓаните кои ја изгубија својата работа, но Југохром го држеше заложник здравјето на илјадници граѓани премногу години. Загадувањето не е само на воздухот, туку и на водите и реките од кои се наводнуваат земјоделските култури во регионот од каде сите ние се храниме. Воедно, со тие инвестиции кои беа потребни за одржување и  поставување филтри, може да се отворат илјадници зелени работни места во други сектори, како на пример во земјоделството, енергетската ефикасност и соларната енергија. Искрено се надеваме дека инвестициите од тешката индустрија ќе се преалоцираат во незагадувачки сектори кои ќе ја унапредат животната средина и ќе отворат работни места“,Јовановски.

Според екологистите Југохром како профитабилна компанија можела да си дозволи и кредит за да може да ги имплементира еколошките стандарди, а со тоа и вработените да не останат без работа во периодот на имплементација. 

„За Југохром, ја слушнав Теута Арифи како изјави дека смета дека затворањето на Југохром не треба да биде на сметка на вработените- значеше дека тие треба плата да земат додека не работи инсталацијата. Обврската да се усогласи Југохром со oперативниот план (да ги примени најдобрите достапни техники и да се доближи до стандардите со што ќе престане да загадува) стојат и мора да се испочитуваат. Владата не требаше да „простува“ и да прогледува низ прсти- сепак станува збор за профитабилна компанија која е во состојба и да земе кредит за да ги примени овие стандарди само за да може да работи. Но за жал кај нас компаниите се гледаат како извор на социјална заштита што не е однос карактеристичен за другите делови во светот“, вели Чоловиќ.


Слично

Поврзани вести