Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЈСП, МРТ, ГРАДЕЖНАТА „ГРАНИТ“, „ДИАМЕД“ И МЕГА СПОРТ - еве кој и зошто добил најмногу пари од буџетот во февруари

ЈСП, МРТ, ГРАДЕЖНАТА „ГРАНИТ“, „ДИАМЕД“ И МЕГА СПОРТ - еве кој и зошто добил најмногу пари од буџетот во февруари

Јавното сообраќајно претпријатие на главниот град, ЈСП Скопје, добило во февруари најмногу пари од државниот буџет и од буџетските корисници во земјава.

На сметката на ЈСП само во февруари легнале нешто повеќе од 107 милиони денари или прецизно 1,75 милиони евра.

Ов го покажува владиниот портал за отчетност во трошењето на државните пари, Отворени финансии. Парите се пристигнати на сметката на ЈСП за исплата на плати и надоместоци од плата.

Ако подетално се разгледа кој ги вршел најголемите исплати за ЈСП, ќе се види дека најмногу уплати до јавното сообраќајно претпријатие пристигнале од Град Скопје, орган на општината, а исплатите се вршеле во неколку наврати и тоа најголемиот износ бил 80 милиони денари, па 40, па 35 милиони денари, а има и помали исплати.

Пари на ЈСП му биле исплатени и преку Општина Град Скопје – сметка за наменска дотација и тоа од по 18 и пол милиони денари, а исплати во три наврати од по околу еден милион денари има и од Министерството за одбрана.

Јавното претпријатие МРТ Скопје, и тоа на неговата инвестициска сметка, добило 77 милиони денари од буџетот во февруари, или 1,3 милиони евра. Со тоа јавниот национален сервис е на второ место по добиени исплати на државни пари во февруари.

Најголемиот прилив во МРТ стигнал од Министерството за информатичко општество и администрација, на два пати од по 56 милиони денари.

Приливи има и од Министерството за внатрешни работи, Државното правобранителство, Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации, Државниот инспекторат за земјоделство, како и од Центарот за стручно образование и обука.

Градежната компанија „Гранит“ е третиот по големина примател на буџетски средства во февруари, покажува алатката Отворни финансии. „Гранит“ примил 58 милиони денари или околу 950 илјади евра од буџетските корисници во февруари, на својата депозитна сметка за продажба на акции.

Притоа, најмногу пари „Гранит“ добил од зделки направени за Град Скопје, од каде имало исплати во неколку наврати, од по 13, 12 и девет милиони денари, а исплати за оваа компанија имало и од општина Битола, на помали износи.

На четврто место е приватната здравствена установа „Диамед“, која од државниот буџет наплатила близу 47 милиони денари во февруари, односно 760 илјади евра.

Оваа приватна здравствена установа за дијализа буквално сите исплати ги добила од Фондот за здравство на Македонија, кои се одвивале во неколку наврати.

И, петтиот најголем примател на средства е МЕГА Спорт ДООЕЛ Скопје, на која од државните органи и се исплатени 44 милиони денари или 710 илјади евра.

Најголемата исплата кон оваа приватна компанија е од Министерството за внатрешни работи, и тоа 43,7 милиони денари, а помали исплати има од Основниот суд Кавадарци, како и од скопската гимназија „Никола Карев“.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести